ЛИВАНТО

Го чувствувате? Ново е, неотпакувано. Само што пристигна. Чудно! Треба да е ново, а сепак мириса на нешто познато, на нешто веќе видено. Како да сум помирисала вакво ливанто, ама некогаш одамна, кога бев дете и од срце í се радував на Новата Година. Се надевам ќе потрае подолго од ланското. Тоа на половина пат се потроши, а ново не помирисавме до сега. Би додала неколку состојки да дотрае до в година. Ќе додадам многу љубов. Од тоа нема зијан. Нека ја има во изобилство. Така подобро ќе ги штитиме сите околу нас. Ќе наросам некоја капка храброст, бидејќи само така се станува силен човек. И лани ни требаше, а годинава уште повеќе. Се истури солидарноста, но не се жали. Од неа секогаш имаме потреба, па нека ја има во изобилство. Веднаш замириса посвежо, уште поново. Трпение, ќе заборавев, ќе додадеме трпение, иако се навикнавме на неговото присуство. Ветивме, ќе бидеме трпеливи, солидарни, хумани и одговорни. Ќе бидеме сѐ, а ако треба и никој, но ќе издржиме. Љубовта ќе нé дружи и низ Новата Година, ќе нé радува, ќе нé води и спасува, ќе нé воздигнува и ќе ни помага, оти од неа потекнува сé. За крај остануваат само да се кажат магичните зборови, оние кои формираат една желба, но не на глас. Не ги ни шепотете. Замислете ја Вашата желба и дувнете на нашето ливанто.

А сега? Сега го чувствувате? Прекрасно е! Мириса на нашето ливанто, мириса на ливантото на новата надеж. Чекавме цела една година новата надеж да пристигне, а сега не можеме да í се наситиме на нејзиниот мирис, а можеби не ни треба.

Ливанто е архаизам. Во македонскиот јазик се употребува со значење на мирис или парфем во улога на именка.

Нина Насеска

Loading