НЕМА ПАРТИСКА, ТУКУ ПРОФЕСИОНАЛНА АДМИНИСТРАЦИЈА

branko slikaИнтервју Д-р Бранко Димески

Пандемијата и дигитализацијата го менуваат стилот на бизнисот и на функционирањето на државата. Како се прилагодува земјава на овие глобални текови?

Моментните состојби и процеси на глобално ниво одат во насока на се поголем развој на дигиталната технологија и дигиталните алатки и платформи кои им се на располагање на луѓето од најрана возраст. Со право можеме да потврдиме дека светот веќе претставува едно ,,глобално село,, при што секој светски континент навидум изгледа како една улица или маало. Брзата и се полесна меѓучовечка комуникација го направија своето. Физичкото присуство, не претставува некој битен фактор за луѓето меѓу две најоддалечени точки на планетата да соработуваат во развојот на науката, културата, бизнисот и тн.

Последните трендови се во насока на дистанцирање на луѓето, десоцијализирање на сите нивоа, дури и кај издаваштвото. Има ли граници и кои се придобивките?        

Комуникацијата значи и електронско издавање на списанија, книги или упатства, односно мали брошури и т.н. Преку електронско објавување на различни содржини, луѓето ги читаат мислите и размислувањата на оние кои нешто напишале и тоа го поставиле на интернет. Со тоа, светското население сé повеќе и повеќе учи и се зголемуваат знаењата. Во иднина, пак, прашање е на време кога хартијата ќе биде целосно елиминирана. Не само заради интернетот, туку и заради заштита на животната средина, односно сечењето на шумите. Постојат цели дигитални библиотеки на книги, лесно достапни до секој што има пристап до интернет.

Дали ги следите овие  светски текови на дигитализацијата?

Одлучив електронски да ја објавам мојата најнова книга – научна монографија под наслов ,,Теоретска анализа на новата јавна управа и јавните служби со осврт на некои фундаментални јавни служби во Република Северна Македонија,,. Моето образование и мојата научна работа е во областа на јавната администрација, која претставува битен сегмент за развојот на демократијата во нашето општество.

Каква е науката за администрацијата?

Ова е доста млада наука која во светот постои речиси 130 години. Се појавила во САД. Еден од основоположниците е поранешниот американски претседател Вудроу Вилсон (1856-1924). Првпат во науката по јавна администрација, ги иницирал размислувањата дека администрацијата не треба да има апсолутно никаква врска со партиската политика во ниту една јавна институција, било на локално или на национално ниво. Тука од пресвртно значење, за жал, одиграл атентатот и смртта на поранешниот американски претседател Џејмс Гарфилд (1831-1881) кој бил смртно застрелан во Вашингтон од Чарлс Гуитеау, кој бил целосно разочаран затоа што како партиска заслуга очекувал да биде партиски вработен како американски конзул во Париз, иако не знаел ниту еден збор на француски јазик. Републиканската партија не го вработила. Тој се налутил и го убил Гарфилд. Врз оформувањето на оваа наука влијаеле голем број на науки кои се појавиле многу порано. Особено се истакнува големиот германски социолог Макс Вебер (1864-1920) кој живеел и творел во речиси исто време со Вудроу Вилсон, односно двајцата биле современици.

naslovna na kniga

Што е суштината на вашата прва книга, која практично е учебник за студентите?

Во мојата книга ги обработувам размислувањата на двајцата, но и на многу други автори кои животниот век го посветиле на проучување на различни аспекти. Оваа монографија е поделена на три делови кои се однесуваат на бирократијата и новата јавна управа, јавните служби со осврт на клучната законска регулатива од областа на образованието, науката, здравствената заштита и социјалната заштита во нашата држава и на крајот дел кој се однесува на заклучните согледувања во однос на оваа проблематика. Во првиот дел се обработува бирократијата како модел на управување во јавните институции во генерална смисла на зборот, новиот јавен менаџмент како концепт на управување во јавните служби и неговата примена во некои високоразвиени земји во светот односно во САД, Канада, Австралија, Нов Зеланд, додека пак, од европските земји во Велика Британија, Франција, Германија, Холандија, Шпанија и Швајцарија. Во вториот дел е даден теоретски осврт на концептот на јавните служби со осврт на нашата држава, при што е даден осврт на развојот на образованието, науката, здравствената заштита и социјалната заштита низ призмата на клучната законска регулатива. Конечно, третиот дел се однесува на заклучоците, односно на состојбите и перспективите за понатамошен развој, особено во нашето општество.

Електронска книга

Во соработка со професионалниот тим на издаваштвото на Зенит, односно со поддршката на основачите и пионерите во електронското издаваштво, научната монографија го доби светлото на денот. Од 1 декември, издавачот официјално го објави електронското издание на својата веб страница и со тоа даде значаен придонес кон развојот на современото издаваштво кое воопшто не заостанува во однос на светските трендови. На овој начин, Зенит ги промовира општествено одговорните вредности во повеќе насоки. Прво, развојот на науката која како општествена дејност треба да биде подеднакво достапна за студентите и пошироката научна јавност. Второ, поттикнување и развој на електронското издаваштво со што се поттикнува штедењето на хартија, односно животната средина. Конечно, уште еднаш Зенит покажа дека може да биде лидер на електронското издаваштво во Прилеп.

http://www.zenitprilep.com.mk/component/content/article/15623.html

Loading