„КАМЕНОТ“ НА СЦЕНАТА

Премиера в среда

kamenot plakat

В театар в среда премиерно ќе биде изведена претставата “Каменот”од Маријус Фон Мајенбург во режија на Кристина Димитрова. Премиерата, со корона пандемијата, ќе се се одвива според протоколите за заштита од Ковид 19. Ќе можат да ја следат само 30 отсто гледачи од број на седиштата во салата.

Според Димитрова текстот е хроника за семејство меѓу 1935 и 1993 година.

 -Драмата е дел од германската историја, задржувајќи се на овие 60 години минати во семејни тајни, лаги и измами, но и во чувство на вина и одговорност. Станува збор за појава во која семејство бега од вината со ревизија и поедноставување на минатото. Претставата е во фрагментарна структура. Дејството скока низ различни години и се создава необична и гротескна стварност. Гледачот сведочи за сомнежот во минатото и недоразбирањата денес. Кога се открива вистината, доаѓа враќање на хронолошки почеток.  Крајот остава без заклучок, но сознанието за разбирањето на семејството и минатото е секогаш променето. Со разни, добро наместени драматуршки инсталации, Фон Мајенбург го истражува односот меѓу историјата и идентитетот. Деконструктивистичкиот пристап се следи преку митот, се реобмислува историјата и како митовите се претвораат во темелна приказна за идентитетот. Се користи структурата да се истакне проблематичната и збунувачка природа на паметењето и идентитетот, илустрирајќи како двата елементи комуницираат и се мешаат меѓусебно. Претставата се занимава со предизвикот за драматурзи, режисери, писатели и уметници во повоениот период, како се чувствуваат предците денес во нас. Се нуди увид во желбата за дознавање на вистината без самоповредување, односно без оштетување на позитивната самоперцепција – вели Димитрова.

Играат Наташа Ачански, Катерина Чакмакоска – Клинческа, Димитар Ѓорѓиевски, Јасмина Мицовска – Станкоска, Марија Димитрова и Илија Волчески.

Loading