РЕЗИЛ

Жално е колку може човек да се изнаслуша и да се изнагледа резили, а при тоа да не може да ги спречи. А, кутрите тие, не знаат дека се резилат.

Сé почесто сретнувам луѓе кои јавно искажуваат колку не читаат книги, па и се гордеат со својата неначитаност. Тие самоуверено и дрско ќе постават прашање – ,,Зар ти читаш? Не те мрзи?,, И тогаш сфаќаш со кого си фатил работа. Туку премолчи го резилот, ако може и голтни го, оти боли како да е твој.

Сум слушнала и луѓе кои знаат да се пофалат со бројот на книги кои ги прочитале на англиски јазик. Кажуваат дека читањето на англиски јазик им оди одлично и попрво би избрале книга напишана на англиски, а не на македонски јазик. Не е чудо што тие преферираат да користат англиски зборови, дури и кога постои соодветен македонски превод. А, резилот само си се пласти и таложи.

На социјалните мрежи, луѓето обожаваат да споделуваат мисли на писатели кои не ги знаат и цитати од книги кои не ги прочитале. Па, ако се на англиски, стануваат уште попривлечни. Латиницата го достигнува врвот на кариерата. Ненаметливо и бесчујно се наметна и успеа да ги изгази пораките, статусите, насловите, имињата… Резил со кој сме ги оковале рацете и ни да мрднат, ни да претнат.

Некои резили само си потпукнуваат и чекаат да се разгори огнот, а ние само чадот им го мирисаме. Во јагленосувањето викаат за помош, но за промена каква што им треба, потребно е освестување.

Резил е турцизам кој потекнува од турскиот збор резил. Во македонскиот јазик се користи со значење на срам, навреда и тоа во улога на именка.

Нина Насеска

Loading