БАРДЕТО ИМА ДУЛЕ

ivce1Македонски народни приказни гледаме мошне често на нашиве ТВ. Цепенков го потрошивме. Слушаме и гледаме други, па дури и некои ,,новокомпонирани,,. На шпицата читаме имиња на учесниците, актери, режисери, сценаристи… Среќаваме, како и во сите области, доста грешки. Во една таква приказна, не ја паметиме точно фабулата, извесна девојка оди на вода со две бардиња во рацете. Зборот ,,барде,, (бардак, бардаче) не го слушнавме. Сите учесници во приказната велат дека девојката во рацете носи – ,,стомни,,.  Не е многу далечно времето кога и бардињата и стомните беа секојдневни реквизите во секое домаќинство. Учесниците во приказните, ако се среќаваат со овие реквизите, и покрај својата младост, сепак биле должни да ги нарекуваат тие предмети со вистинските имиња. Барде и стомна не е исто. Стомната е поголема, има погргулеста форма, има две рачки, а водата се пие од самата устинка. Бардето (бардакот) е помало има малку издолжена форма и исто така има две рачки. Но, битно е тоа што бардето на едната рачка има дуле, преку кое се пие водата. Во нашиве речници е зарегистрирано како ,,дулец,,. Во сите речници пишува дека водата се пие преку дулецот, па дури и самиот предмет (бардет) се вика дулец. Во Прилеп е вообичаено барде и дулец. Грешка е тоа во приказните. Гледаме дека девојчето носи бардиња, а сите ги викаат стомни. Тоа се земјени садови, нели?!  Нема, белки, да го заборавиме тоа.

Друга народна приказна. Се насмеавме, иако глупоскта беше голема. Таму, во таа приказна, некоја жена се заканува дека ќе се претвори во коза, ако не í се исполни некаква желба. И така бидува. Желбата неостварена и жената се претвора во коза. И така, по извесни перипетии, еден од ликовите во приказната предлага козата да се заколи. Вели дека е така подобро, зашто козата не дава млеко и не останува стелна. Да се смее човек, но за што? Не за тоа дека се работи за некоја убава шега, туку за елементарно незнаење. Па, како може коза да остане стелна! Не е тоа крава, господа актери, режисери, лектори и сите други учесници. Ако е стелна, треба да роди теле, а тоа досега уште не се случило. Аве, да кажеме, да им кажеме на учесниците во приказната и на сите други кои не знаат: Козата останува скозна, кравата стелна, овцата сјагна, кучката скучна, мачката смачна, кобилата ждребна, магарицата спрлна. Ги изредивме сите домашни животни од женски пол. Бесмислица е да се вели дека козата останала стелна!!! Грешките во синтаксата се редовни. Па и во приказните. Некое палаво момче му создава непријатности на татко си. Друг го советува: ,,И на татко ти му е тешко. Не му прави вака,,. ,,Не прави му вака,, – тоа е правилното.

Одново се појавил проблемот со водата во Тетово. Слушаме дека издашноста на изворите била намалена. ,,Издашност,,?! Не! Не е тоа наш збор. Нашиот збор за ваквите случаи е ,,штедрост,,. Тоа значи обилност, дарежливост. А изворите во тетовско не биле многу дарежливи, не биле штедри. За жал, зборот ,,издашност,, го слушаме мошне често. Таа состојба со водата може да се објаснува и со други зборови и на друг начин. Но, нашиве луѓе мошне често го одбираат погрешниот збор или погрешниот начин.

Ајде да кажеме и нешто убаво. Пријатно бевме изненадени. Стануваше збор за некои проекти. На некоја од нашиве ТВ го слушнавме ова. Проектите доцнеле или пак не се  реализирале. Слушаме: ,,проектите тапкаат в место,,. Најпосле да го чуеме овој израз како што треба. Редовно слушаме – ,, тапкање во место,,. Работите стоеле – ,, во место,,.  И којзнае уште колку такви. Предлогот ,,во,, секогаш беше погрешно употребуван. Еве, се случи пријатен момент и слушнавме ,,в место,, наместо ,,во место,,. Сакаме да веруваме дека оване беше случајно, дека најпосле е увидена односната грешка. Така – ТАПКАЊЕ В МЕСТО.           

Loading