ПРАКСА ВО ТУТУНСКИОТ КОМБИНАТ

СОУ ,,Ристе Ристески – Ричко,,

TKP 2

 

Ученици од СОУ ,,Ристе Ристески – Ричко,, веќе еден месец следат практична настава во Тутунскиот комбинат. Станува збор за седум средношколци од електро-машинскиот сектор, што кореспондира на потребите на Комбинатот. Соработката и практичната настава е дел од меморандумот меѓу Комбинатот и СОУ ,,Ристе Ристески – Ричко,,.

-Со практичната настава, продолжува соработката со Комбинатот. Се добива вредност која директно се одразува на учениците. Ја поттикнува мотивираноста на учениците, кои се обучуваат во кадри кои во иднина може да бидат дел од колективот  на Комбинатот и со што се отвораат нови перспективи. Чекорот на Комбинат ги актуелизира помалку запоставените технички струки, што имаат големо значење за индустрискиот сектор, посебно на локално ниво – изјави Билјана Трајкоска, директор на СОУ ,,Ристе Ристески  – Ричко,,.

За директорот на Комбинатот, Кире Станкоски, овој потег го подобрува локалниот социо-економски статус и ги стимулира потенцијалите на младите образовани кадри.

-Како компанија ориентирана кон индустриски производствени процеси, ја разбираме улогата на стручното образование и техничките кадри. Постојано имаме потреба од овие профили, со оглед на тоа што Комбинат со помош на Филип Морис мина процес на модернизација со што значително се зголеми производните стандарди. Имаме потреба од добро профилирани технички кадри со теоретски знаења, надградени со практична обука во современа компанија со модерни стандарди за работа. Ова е пример како треба да соработуваат индустрискиот сектор и образовните институции – рече Станкоски.

Меморандумот за соработка меѓу Тутунскиот комбинат и СОУ ,,Ристе Ристески – Ричко,, беше потпишан пред две години. Заедничката компанија на Филип Морис и Тутунски комбинат, ФМТКП пред две години  во училишниот центар вложи 80 илјади долари во реновирањето на училниците за стручна настава и опремување со најсовремена опрема.

Loading