ШУБЕ

Порано зачестеноста на зборот шубе беше многу помала, но откако влеговме во повеќемесечново лудило, мислам дека не ни излегува од уста.

Ја фаќаш кваката од вратата, ама со поусул, со два прста, а ако може и со еден. Оти не знаеш кој пред тебе ја фатил таа квака. Шубе те фаќа. Ги стегаш копчињата од банкоматот, а мислите ти се поделени. Од една страна треба точните бројки да се внесат, од друга па, тоа пусто шубе. Не знаеш што допираш, и не знаеш каде ќе го пренесиш сето тоа.

Кога купувавме леб, имавме обичај да ја проверуваме свежината на лебот со допир. Не дека тогаш не знаевме што е правилно, ама ете, навика останало. Сега за да се избегнат било какви опасности и ризици, купуваме леб во пластифицирана ќеса и имаме едно шубе помалку.

Порано кога пробувавме алишта во продавница, обичај беше продавачката да помогни. Таа ќе ти ги закопча петличињата, ќе ти ја истрга кошулата, ќе ти ја намести јаката и ќе те стокми како што треба. Сепак таа знае најдобро. Сега, тоа растојание не ти дава да побараш помош, и ако продавачката сама се понуди да помогни, ќе те фати шубе, па ќе ја одбиеш. Никако не си.

Животот вртоглаво ни се смени во овие осум месеци. Многу работи ни се забранети, од случајните допири, ракувања, па сé до прегратки. Дури и да ти се случат, тоа шубе не те остава мирен. Кој знае како успеваме да живееме со толку многу шубиња.

Шубе е турцизам што потекнува од турскиот збор şüпхе, кој во буквален превод значи сомнеж. Во македонскиот јазик има повеќе значења како сомневање, подзрение, недоверба и тоа во улога на именка.

Нина Насеска

Loading