ЗЕМЕНИК – МИНИСТЕР

ivce1Некогаш, пред повеќе години, разговаравме со извесен режисер за употребата на литературниот јазик во театриоте. И двајцата го делевме мислењето дека на театарските сцени се прават многу грешки. Тогаш му посочивме еден пример, каде еден колега, (актер) во една ситуација во три збора, прави три грешки. ,,Е, сега,,- вели режисерот. Не веруваше дека е тоа можно. Му го објаснивме случајот. Се смееше.

Пред некое време, на ТВ имаше нешто слично. Зборува новинарката за состојбите во извесна болница во нашава земја. Немало доволно финансиски средства, немало доволно медицински персонал, немало доволно заштитна опрема… Најпосле вели дека состојбата не била таква само во односната болница, туку и во – ,,останатите ширум земјата,,. Еве ја истата ситуација. Три збора – три грешки. Глаголската придавка ,,останати,, ја слушаме секојдневно. Се разбира, погрешно. Но, никој не помислува на тоа. Србите велат ,,остали,, и ние – ,,останатите,,. А каде се тие останати? Значи, ситуацијата не била тешка само во односната болница, туку и во другите. Во другите болници, а не во останатите. Никаде тие не се останати. Оваа грешка, оваа неправилност е толку честа, а никој не помислува на тоа. Грешката е очевидна, а никој не сака да ја види.

Втората грешка. Сосема погрешна употреба на зборот ,,ширум,,. Тој збор во нашиот јазик е прилог, а не предлог. Тој покажува КАКО, а не КАДЕ. Вратата е отворена ШИРУМ. Оваа грешка се прави низ сета наша земја, а не ширум нашата земја. Во српскиот јазик би се рекло ,,широм наше земље,,. Таму зборот ,,широм,, е предлог, а не прилог. Кај нас не може така. Рековме, кај нас ,,ширум,, е прилог, како што се простум, скокум, ничкум, крадешкум… Сите тие покажуваат како е зивршено или како ќе се извршува некое дејство, а не каде се извршува. За ваквата погрешна употреба на прилогот ,,ширум,, пишува и Блаже Конески во својата Граматика. Напишано е тоа на страницата 320. Секој може да прочита и да се увери.

Третата грешка. Новинарката вели дека таква била состојбата во болниците ширум земјата. Не може така. Таа зборува за зборува за болниците во нашава земја, а не за некаде, за некоја друга. Новинарката, исто така, во тој момент, се наоѓа во нашава земја. Оттука известува. Значи, станува збор за болниците од ЗЕМЈАВА, а не од земјата. И сега да се вратиме во почетокот кога вели новинарката; ,,Останатите болници ширум земјата,,. Изразот треба да гласи – ,,Другите болници низ сета наша земја,, или ,,Другите низ земјава,, а не низ низ земјата.

Ете, три збора – три грешки. Како некогаш мојот колега. Овојпат, не би рекле дека ваквите грешки предивикуваат смеа. Напротив!

Избор на заменик – министер во собранието. Што сé не се изнаслушавме. Некои велат дека ќе се избираат заменици на министрите. Други велат дека ќе се избираат заменици министри. Премиерот ги соопштува кандидатите и вели: ,,Заменик на министерот тој и тој, го предлагам тој и тој,,. Ги образложува квалитетите на предложениот господин и продолжува понатаму. Погрешно е тоа! Зборот заменик – министер е звање, титулар. Токму така, ЗАМЕНИК – МИНИСТЕР, а не заменик на министерот. Множинската форма ќе биде ЗАМЕНИК – МИНИСТРИ, а не заменици на министрите. Слушнавме и образложение за работата, за функцијата на земеник министрите. Не се сеќаваме кој го даваше тоа образложние, дали го чувме од некој политичар или од новинар. Важно, образложнието беше таков што ние можевме да разбереме дека: ,,Замениците ги заменуваат министрите кога тие се отсутни,,. Се прашуваме што ќе работат тогаш кога министрите не се отсутни?! Заменик – министерот си има своја функција, свои овластувања. Не се тоа членови на некаква комисија, па ако отсуствува некој член, ќе го повикаат заменикот.

На ТВ, (нашиот јавен сервис) слушнавме дека ќе се бирале заменици министри. Во нашиот јазик не постои глагол ,,бира,,. Тој секогаш е префиксиран – избира, одбира, пребира… Во случајов треба да гласи – ИЗБИРА. 

На кратко! ЗАМЕНК – МИНИСТЕР, множина ЗАМЕНИК – МИНИСТРИ. Исто како во војската: ГЕНЕРАЛ – МАЈОР, множина, ГЕНЕРАЛ – МАЈОРИ, а не генерали – мајори.

Loading