НАСЛОВИ И ПОЕНТИ ШТО СЕ ПАМТАТ

IMG 1392

Миле Талески, добитник на наградата за животно дело

Голема одговорност, но и голема чест е што ми се понуди да пишувам за големиот новинар Миле Талески, овогодишен добитник на највисоката, Третоноемвриската награда за животно дело. За Миле се сведоци се многу генерации од педесеттите години наваму. Напишаното со негов потпис со задоволство се читаше и остана во сеќавањата досега. Вредното нема заборав. Особено бев заинтересиран прво како спортски љубител и подоцна како негов помлад колега и ученик. Со нетрпение чекав да ги видам во весниците, како белградски Спорт, Нова Македонија, Народен глас… Ги читав и препрочитував којзнае колкупати, небаре книги со највисока уметничка вредност. Некои не се забораваат и ги памтам до ден-денес како текстот за светската фудбалска ѕвезда Драгослав Шекуларац – Шеки, каде Талески го виде спектакуларното во него, на еден обичен пријателски меч од 1972 година, кога настапи за Победа, поразена со 1:3 од бразилскиот Јувентус од Сао Паоло. Трага остави и текстот за дербито Победа – Беласица 3:1 од 1979 година пред 25 илјади гледачи. Есента 1987 Победа нареди седум второлигашки триумфа, од кои првиот со 2:1 против водечкиот ОФК Београд. Насловот ,,Лидер пао у Марковом граду,, или текстот за збогувањето на Победа од втората лига со наслов ,,Прилеп, најфудбалскији град у земљи, данас је најтужнији град – Победа испала из лиге,,. Многу ракометарки и ракометари се афирмирале преку врвната новинарска креација. Во 1994 година Кометал со неверојатни 50:0 го совлада Тутунски комбинат, кој настапи со кадетско-пионерска екипа поради штрајкот на сениорките, а Миле напиша наслов ,,Шампионот без душа не е шампион,,.

Наградата за животно дело не означува крај. Тоа најмногу важи за Миле Талески. И сега, во пандемијава, кога на ракомет или на фудбал нема ниеден гледач ниту новинар, тој е – таму! Треба и мора да живее уште долго да ги слушаме неговите ставови и совети за сите општествени прашања.

Зоран Игески

Loading