ДЕЦА ОД НУЛА ГОДИНИ

ivce1Јазичните грешки можат да бидат од секаков вид. Можат да се лексички, синтаксички, граматички, правописни…. Понекогаш, не ретко, можат да бидат и смисловни, со нелогичности во искажувањето. Ќе почнеме малку од подалеку. Одамна, некаде во младешките години гледавме театарска претстава од битолскиот театар. Се викаше ,,Николетина Бурсаќ,, од Бранко Ќопиќ. Николетина, со не многу развиено интелектуално ниво, бил партизан. Дружејќи се со разни луѓе, малку се поизделкал. Бидејќи во униформа, предизвикува респект кај обичните луѓе. Еден простичок човек слушнал дека се вели – ,,нула нула,, часот. Не му е јасно на човекот кога е тоа време. Му се обраќа на Николетина. Го прашува: ,,Кога е нула нула часот,,.  На Николетина му е тешко да најде одговор: – ,,Тоа ти е знаеш… тоа ти е ноќе, кога не е ниту 12, ниту 1,,. Заборавивме. Беше многу одамна претставата. За чудо, сега се потсетивме. Се потсетивме на нешто слично од нашиве ТВ. Презентерите информираа дека нема да одат на работа родителите со деца од 0 до 6 години. Рамката е јасна – од 0 до 6. Некоја таква рамка, да речеме, може да биде од 3 до 8. Ќе знаеме дека децата не треба да бидат постари од 8 години и не треба да бидат помлади од 3 години. Во конкретниов случај, знаеме дека децата не треба да имаат повеќе од шест години, но не знаеме дали треба да имаат помалку од нула?! Всушност, се прашуваме, кога има детето нула години?! Нели рамката е од нула до шест. Го нема Николетина Бурсаќ да го прашаме и сами треба да бараме одговор. Нула години?! Дали е тоа кога детето уште не е излезено, дали е моментот на самото излегување или пак е моментот кога детето ќе се појави на овој свет?! Признаваме, тешко ни е да го најдеме одговорот, а веруваме дека не сме само ние најдени, онака, во небрано. А, не ни се достапни авторите на оваа загатка. Дали се докторите, дали новинарите или пак лекторите?! Немаме кого да прашаме, кога има детето нула години!

Зар не можело да се каже дека родителите кои имаат деца помали од 6 години нема да одат на работа. Или деца не се постари од 6 години. Станува збор за родители со деца не постари од 6 години. Кој знае уште колку начини постојат и можат да постојат за да се искаже оваа содржина. Ако треба да се определува граница, горна и долна, може да се рече – деца од една недела, 3 месеци, половина година и слично до 6 години. А вака како што го слушнавме тој израз, , најблаго речено, е смешно – ,,од 0 до 6 години,,.

Сме пишувале и порано, но еве повторно ќе спомнеме за еден друг сличен апсурд. Повеќе презентери кои известуваат за прогнозата за времето велат дека максималната температура ќе се искачела до 35  степени целзиусови, а минималната ќе се спуштела до плус 18 степени. Дали се слушаат тие луѓе самите себе што зборуваат?! Максималната се искачува! Добро, од нулата се искачува нагоре. И ете ќе дојдела до 35. Минималната ќе се спуштела до плус 18! А од каде почнува таа да се спушта, од која точка? Зар не е јасно дека почетната точка е нулата. Од нулата нагоре се искачува, а надолу се спушта. Не значи дека ако температурата минимална е над нулата дека таа се спуштила. Па и максималната може да се спушти под нулата. Тоа е честа појава во зимскиот период. Сепак, не можеме да речеме, бидејќи е максимална, дека се искачила до минус 10 степени. Значи, како што може максималната температура да се спушти под нулата, така може и минималната да се искачи над нулата. Нашиве презнетери ги менуваат физичките закони. Според нив, спуштањето оди нагоре. И во најтоплите летни месеци, кога времето е жешко минималната температура, во случајов, ќе бидела ПЛУС 18 степени, но тоа никако не значи дека се спуштила.

Уште нешто! На една ТВ се зборува за времето: ,,Времето ќе биде променливо облачно, а ќе дува до умерен засилен северен ветар,,. Кога би се рекло – ,,умерен до засилен,, во ред, може така. Но, засилен до умерен, не оди. А ова го слушаме редовно.

Loading