НЕМА УСЛОВИ ЗА ОНЛАЈН СУДЕЊЕ

stevanoski,,Прилепскиот суд нема технички услови за онлајн судења и не е прецизирано колку тоа е во согласност со одредбите на ЗКП,,.

Ова го констатира претседателот на судот Зоран Стеваноски.

-Секое решение треба да се прифати. Но немаме услови за одвивање онлајн судења. Не располагаме со техничка опрема. Во Законот за кривична постапка предвидено е непосредно присуство на судењата. Тешко може да се изведи онлајн судењето, иако за мене е прифатливо било кое решение да се добијат добри резултати – изјави Стеваноски.

Пандемијата ја забави работата на судот. Не може да се следат бројот на прифатените со решените предмети. Послабата ажурност се должи на намалениот број на судии и придружен кадар и отсуството на странките во постапките.

-Постојано отсуствуваат 10 – 15 вработени, поради пандемијата и мерките за заштита. Поради страв од инфекција, и дел од странките не се јавуваат на рочиштата. Недостасуваат судии. Судот работи со 14 судии, а се потребни 18-19. Недостасуваат, особено во кривичниот оддел и во прекршоците. Тоа се одразува во интензитетот на совладување на приливот на предмети. Недостигот на судии е прашање за судскиот совет. Имаме сознанија дека само еден прилепчанец конкурирал за посетување на академијата за судии и обвинители. Таму наставата трае две години, а потоа судскиот совет треба да распише конкурс и собранието да избира судии. Не е исклучено во Прилеп да дојде судија од друг град – вели Стеваноски.

Заостатокот на предметите за девет месеци е 400 во кривичниот дел и 300 во граѓанската постапка. Заостанати се 243 предмети повеќе од две години, најмногу во кривичната постапка, главно поради недостапност на обвинетите. Дел чекаат правда и заради доцнење на вештачења и необезбедени услови за одржување на судења.

Инаку, во судот нема некоја значителна бројка на барања за изземање на судии или пак преставки за судиите до судскиот совет.

Финансиски состојбата е добра. Се плаќаат обврските. Како ќе се одвиваат работите натаму, ќе зависи од пандемијата.

Стеваноски се сретна со новинарите по повод 25 октомври, Меѓународниот ден на правдата.

Loading