УБАВИЦА МЕЃУ ДВЕ ЕЗЕРА

Галичица

dcp02474

Заробени меѓу темносините водени пространства на најголемите туристички атракции во земјава – Охридското и Преспанското Езеро, изронуваат и се возвишуваат џиновските врвови на планината Галичица. Во длабоките долови и стрмни падини, надвиснати и заплискувани од езерските води, варовничката убавица нуди рекреација за вљубениците во природата, предизвици за планинарите, обележани патеки за велосипедистите, патеки за скијачите и пространи ледини со изобилство на лековити билки. Од високите врвови и видиковци, параглајдеристите можат да се спуштаат кон езерското пространство, во чии води со сенката на шумите си поигруваат сончевите зраци. Покрај прошетките по непрегледната планина, авантуристите истражуваа на десетината затскриени пештери. Случајната средба со дивиот животински свет на љубителите на ловот, пак, го крева адреналинот.

Галичица нуди единствена можност за поглед на двете езера  низ процепот создаден во мекиот варовник, преку кој водите на Преспанското Езеро се влеваат во Охридското. Во границите на Националниот парк Галичица, има 11 села. Може да се посетат старите бачила со традиционалниот начин на сточарење.

galicica2

Границата на паркот е над селото Трпејца. До планинските врвови Н води асфалтна патека со остри кривини кои, како да допираат до небото. Бијната шума одвреме-навреме го затскрива прекрасниот поглед на езерската шир. Линијата меѓу езерото и небото е речиси невидлива. Долу остануваат црвените покриви на Трпејца, џагорот и вриежот по охридската калдрма. Добредојде посакува планинската тишина. И покрај извонредната местоположба, по патот се чувствува недостиг на вода. Затоа е пожелно, менаџментот на Паркот да обезбеди вода за продолжување на патешествието. Има патеката до едно диво излетничко место, проодна и зиме. Патувањето продолжува кон превојот Баба на 1.630 метри височина. Под малото црквиче, одлична  е ледината за полетувањето на параглајдеристите, кои се спуштаат кон езерото.

Галичица изобилува со биолошка разновидност. Таа е мозаик на најразлични растенија, повеќет ендемски и реликтни, како мушмулицата која се појавува единствено во оваа планина. Може да се сретнат и многу диви животни. Дозволен е лов само на диви свињи и кози во ограничен број. Во заштитената зона е најпривлечниот и највисокиот врв Магаро на 2.275 м. Да се освои е потребно пет часови напорно пешачење. Таму е живеалиштето на ретки и загрозени видови птици, како златниот орел, белиот и белоглавиот мршојадец и сивиот сокол. Под врвот може да се забележи Стење и Преспа.

m007-Galicica-20120710-1010

Посакувана дестинација е планинарската куќа Асан Џура. Се стасува и со автомобил. Објектот нуди освежување и одмор пред продолжението на прошетката. Има патеки кон пештерата Самотска дупка и кон видиковецот Гога од каде се ужива во неповторливата глетка на двете езера. Пештерата е осветлена и прилагодена за посетителите. За влегување во процепот во карпата, каде температурата е пониска од онаа надвор, се препорачуваат обувки и виндјакна. Пештерата е една од 12-те на Галичица. Главниот канал е долг 207 м., а споредните достигнува до 224 м.. Широка е 6 метри, а висока од 2 – 10 м. Застапени се украсите ,,салви,, ,,драперии,, и пештерски бисери. Претставува фосилна речна пештера, од која истекувал подземен воден тек. Доминираат сталактити и пештерски завеси. Се забележува и пештерски животински свет.

m011-Galicica-080909-3005

Крај Галичица се изворите на Црн Дрим. Уживање е прошетката со кајче. Крај извориштата е манастирскиот комплекс Св. Наум, кој е неповторливо доживување со изобилството на бујна и зелена вегетација, модрозелена вода и неверојатна свежина. Изворите доаѓаат и од Преспа,  и формираат езеро длабоко 3,5 метри, во кое се создадени и два мали острови.

Loading