КУРДИСА

Убаво би било кога би можеле сé да курдиса по наша желба. Дури и чувствата, мислите или срцето… И на срцето понекогаш му треба курдисување.

Старите часовници имаа навика одвреме-навреме да испуштат душа. Ќе застане кога најмногу треба да е точен. Не е лесно да одбројуваат и да вртат со сказалките, да го бележат својот пат, но кон каде? До кога? Секунди, минути, часови… и оп, одеднаш застанал. Си бара курдисување. 

Интересна глетка која уште мами погледи се бабичките курдисани пред порта. Онаа добро позната слика на баба завиткана со шамија и со свиткани коленичиња како седи пред порта, заблескува во меморијата како сентиментален спомен. Сега дури и старите се модернизирани, па избираат нови места за курдисување.

Кога училиштата беа втор дом за учениците и тие беа принудени на задолжително присуство, неизбежно беше бегањето од часови. Во помалите одделенија, бегањето е највообичаено контролирано од еден ученик. Тој ќе ги курдиса другите без проблем и ќе ги манифестира своите лидерски способности. Потоа, нормално, вината ја презема целиот клас. 

Човекот отсекогаш ја обожавал способноста за курдисување на било што, од луѓе до часовници. А, можностите за курдисување се бесконечни. Само треба човек да сети кога му е потребно курдисување на животот, оти тој нема да застани и да сигнализира.

Курдиса е турцизам кој потекнува од турскиот збор курмак. Во македонскиот јазик се користи со значење на намести, постави, навие, дотера, организира, наговори, и тоа во улога на глагол.

Нина Насеска

Loading