ЗБОКТИСА

Сме навикнале на живот во кој лесно ни збоктисува било што. Како така да сме научени од мали, и кога ќе ни збоктиса, да си трпиме и да си чекаме разонодата сама да го пробие патот.

Од дечињата најчесто можеме да слушнеме дека им е збоктисано. Ќе се довлечкаат до родителот со мрзоволен израз и ќе измолат некаква разонода. Родителот, сакал или не, ќе почне да им набројува забавни активности со кои детето ќе може да го пополни збоктисаното време. Може да се забележи дека малечкото и навидум неразвиено мозоче кај детето, точно знае кога му е збоктисано и каде да се обрати за помош.

А, кога малечкото мозоче ќе порасни, се поретко и поретко ќе се жали на збоктисаност. Дали животот му е толку интересен? За жал, не. Животот на возрасниот е исполнет со обврски, зафатен и многу брз. Работа, деца, сметки, пари, малку пари, тинејџери, недоволно пари, студенти, оскудевај, штеди, за деца, за внуци… Заробени во монотон вртлог, животот ги влече и ги турка де на едната, де на другата страна. А, кога ќе го дочекаат долгоочекуваниот одмор во пензионерските денови, ќе се пожалаат дека им е збоктисано безделничењето.

Често човек не е свесен кога му е збоктисано, а несомнено таа појава нé следи цел живот. За да го поправите она што Ви смета во животот, прашајте се ,,Дали Ви е збоктисано?,, и побарајте помош од оној кој може најмногу да Ви помогне, а тоа сте самите Вие.

Збоктиса, кој понекогаш може да се сретне и како боктиса, е турцизам кој потекнува од турскиот збор бикмак. Во македонскиот јазик се користи со значење на досади или додее и тоа во улога на глагол.

Нина Насеска

Loading