ВИЕ СТЕ ДОБАР (НЕ : ДОБРИ)

ivce1Биле запалени неколку камиони на определен паркинг. Камионите биле натоварени со волница. Така бевме известени од националниве телевизии. Ајде да размислиме што значи или што треба да значи зборот ,,волница,,? Во српскиот јазик тој гласи ,,вуница,,. Тој збор со такво значење како во српскиот јазик кај нас не постои, не е карактеристичен за нашите народни говори. Нашите стари не го употребуваат. Денес, модерниве домаќинки го викаат ,,вуница,, не размислувајќи за потеклото, па и за значењето. Домаќинките да, но нашиве ТВ, нема белки да употребуваат српски зборови. Нели тие се грижат за македонскиот јазик и затоа и во овој случај ја покажуваат својата грижа. Го преведуваат српскиот збор ,,вуница,, и велат дека камионите биле натоварени со ,,волница,,. И што значи тоа? Кај нас е можен тој збор, но со сосема поинакво значење. Имаме ние именки во деминутивна, галовна форма кои имаат наставка ,,ица,,. На пример, алвица, главица (главица кромид), веѓица па и волница. Ни во ваквиот случај не станува збор за оние конци кои служат за плетење, туку за некаква волна, да речеме, мека волница. Кај нас е почеста наставката ,,ичка,, – главичка, водичка, волничка…

Сега одново го поставуваме прашањето зошто се отфрлаат, се забораваат нашите зборови, а се земаат туѓи, најчесто српски. Потоа се преведуваат и се ,,помакедончуваат,,. Крајно непотребно. Во нашиот јазик постојат зборовите ,,предено,, и ,,преѓа,,,. Зборот ,,волница,, не е соодветен. Преденето или преѓата, не е секогаш од волна. Може да биде од памук, од синтетички влакна и слично. Тие конци се добиени со предење, било да е рачно или машински. Со предењето се добива ПРЕДЕНО или ПРЕЃА, може да се вика кој како сака. Зборот ,,предено, е придавка, но веќе супстантивизирана станала именка. Од глаголот ,,преде,, имаме добиено и други именки. Имаме ,,преденка,,. Тоа биле ретки можности кога момите, доцна навечер, се собирале да предат, а тоа го користеле ергените да се војваат околу нив и на таков начин да се видат, секој со својата љубовница. Таквите собирања за предење имаат и друго име – ,,попретка,,. Се собирале момите  да попредат, па оттаму ,,попретка,,. Значи, не ,,вуница,, уште помалку ,,волница,, туку ПРЕДЕНО или ПРЕЃА. Тоа се нашите зборови кои го одразуваат името на производите добиени со ПРЕДЕЊЕ.

Учтивиот тон на обраќање кон друго лице (персирање) уште создава проблем кај нашиве луѓе. Контактна емисија. Се јавува гледач и зборува доста неразбирливо и нервозно. Водителката вели: ,,Гледам дека сте доста нервозни и вознемирени,,. Ќе цитираме неколку реченици од Граматиката на Блаже Конески: ,,Заменката ВИЕ се употребува и во обраќање кон едно лице, во учтив и почитателен тон. Оваа употреба е нова, непозната во народниот јазик. Отаде произлегува и извесна колебливост во употребата на еднински или множински форми… Имаме значи, една необичност во нашата граматика, баш поради тоа што овие форми за учтиво обраќање се поинакви од самиот наш јазик, ами се ПРЕКОПИРАНИ во него,,. Тој приведува и една реченица која гласи: ,,Вие сте станале нервозен,,. Многу слична на онаа што ја употреби водителката. Но, таа вели ,,нервозни,, не! Се персираат, во множинска форма се употребуваат само заменката и глаголот. Ваквите грешки се многу, многу чести. Колкупати сме слушале да се вели – вие сте убави, вие сте прекрасни, и многу такви. Ова особено го слушаме во преводите на филмовите, во телевизиските серии, а и на многу други места. Да претпоставиме дека водителката во односната контактна емисија да ја употребеше и именката човек. Како би изгледало тоа? Како би прозвучило – ,,Вие сте нервозни човек,,. Не оди тоа, баш никако не оди. Значи односната реченица на водителката, нејзиното обраќање кон гледачот требаше да гласи: ,,Гледам дека сте доста нервозен и вознемирен,,. Придавките ,,нервозен,, и ,,вознемирен,, не треба да бидат во множинска форма. Еве неколку примери: ,,Вие сте многу добар (не добри),,  ,,Вие сте многу зборлест (не зборлести),,. При пишување, заменката ВИЕ се пишува со голема буква.

Уште еднаш! Се персираат само заменките и глаголите.

Loading