УБАВИНАТА НА МНОГУВЕКОВНОТО СЕЛО

Брајчино

brajcino-tradicionalno

Никогаш нема да дознаете колку кристално чист, свеж и лесен може да биде воздухот додека не го посетите многувековното село Брајчино. Поминувајќи покрај Ресен, се сместувате во пазувите на планината Баба, на височина од 1000 метри, покрај долината на бистрата Брајчинска река. Реката го  дели селото на два живописни дела кои изобилуваат со богата флора и фауна. Околу се простира шума и скриен срамежлив разнолик животински свет. Се издигнуваат неколку планински врвови. Погледот го наситува спокојното синило на Преспанското Езеро. Поради близината до езерото, за љубителите на водата и птиците интересни дестинации се и островот Голем Град и орнитолошкиот резерват Езерани. Како и Подмочани каде што се наоѓа музејот со најмногубројната колекција на народни носии.

Со вдишување се полнат градите со опојниот мирис на шумските плодови, се запознава прекрасната околина преку пешачките, планинските и велосипедските патеки. Таму е место каде тишината мирува. Се чувствува слобода каква што може единствено да ја разберат птиците – преселници, кои секоја година го одбираат Брајчино како попатна станица за одмор и за храна. Селото изобилува со извори и брзи водотеци. Во Брајчинска Река плива еден од најстарите видови пастрмка, а еловата шума има најголем процент на прираст на годишно ниво во Европа.

Selski i ekoloski turizam se dozivuva vo  Brajcino

Планинските падини околу изобилуваат со густа букова и дабова шума. Почнувајќи од ширината на игралиштето пред Горното Маало, водат неколку обележани планинарски патеки. Низ густата букова, дабова и ореова шума богата со извори, патеките водат кон врвот Пелистер. Може да се ,,дофати,, за 3 часа и Големото Езеро од Пелистерски Очи за 6 часа. Патеките продолжуваат до планинарските домови Неолица и Копанки и селото Нижеполе во Битолско. Обележани се со патоказни табли и планинарско обележување (маркација).

Шармот на традиционалното живеење во Брајчино се старите селски куќи со автентична архитектура од 19 век. Градени се и многу нови модерни домови. Многумина знаат да речат дека Брајчино е урбано село во поглед на стилот на живеење и изгледот на градбите. Тоа не зачудува, оти на почетокот на 20 век во селото и во околните се одржувале балови. За крај од долгата прошетка неизбежно е засладување од неодоливо вкусниот мармалад, слатко или компот. Ги подготвуваат жителите, кои се врвни мајстори на кулинарскиот занает. Може да се затопли душата со неколку голтки од уникатниот ликер од шумско овошје. Задолжителна е прошетката до манастирот Св. Петка и петте цркви во селото, Св. Никола, Св. Богородица, Св. Илија, Св. Арангел и Св. Атанас.

brajcino-hrana

Брајчино официјално е вброено меѓу туристичките дестинации што негуваат еколошки туризам.

Нож за бременост

Пред 20 години една млада невеста од Преспа имала проблематична бременост. Го изгубила бебето. Сонувала сон да го земе стариот нож од црквата Света Петка од Брајчино и цела година да го држи под својата перница. Направила така. Родила од Бога дарувана прекрасна ќерка. Напредувала вртоглаво во секое поле во животот. Луѓето кои се грижат за оваа манастирска црква, не сакаа ништо да кажат за ножот (можеби само на оние кои го сонувале), но рекоа дека и другу луѓе по сон дошле да бараат лек тука. Мајка од Полска за своето болно дете сонила сон и дошла во Брајчино. И постојано доаѓала.

Loading