ДРЖАВАТА ГО ПОДДРЖУВА ВИК ЗА СТО НОВИ РАБОТНИЦИ

Вицепремиерот Фатмир Битиќи и генералниот менаџер на германската  компанија ВИК, Вернер Шоеб потпишаа договорот за втората инвестиција на компанијата ВИК во технолошко индустриската развојна зона Алинци. Станува збор за вложувања од 2,5 милиони евра и вработување на 100 лица.

Германците од 2018 година со успех работат во зоната кај Прилеп со 250 работници.

Содржината на договорот е државна помош за германската компанија за нова, втора инвестиција од 2,5 милиони евра и вработување на нови 100 работици.

ВИК во првата фаза  вложи 10,5 милиони евра за ангажман за 250 лица.

-Изедначени се критериумите и тие овозможуваат достапност до државна поддршка на сите компании, независно од потеклото на капиталот. Повеќе компании, домашни и странски, микро, мали, средни, но и големи, без разлика на состојбата со корона вирусот, ја препознаваат можноста и се охрабруваат и инвестираат во нови инвестициски проекти. Така се наоѓаат креативни решенија за брзо прилагодување на компаниите на новите околности – нагласи Битиќи.

Генералниот менаџер на ВИК рече дека ВИК групацијата во 2018 префрлила дел од производствените процеси од Азија во Македонија, што се покажало како добра одлука.

-Овде сме мошне успешни во производствениот процес. Нашите производи се оценети како топ производи. Испорачуваме екстремно добар квалитет. Имаме екстремно добри резултати, и во кризата предизвикана од коронавирусот. Инвестираме  во зголемување на капацитетот надградба на производството. Создаваме нови производи во Македонија. Главна цел е да се насочуваме кон европските пазари и кон производи со европски квалитет. Создадовме нови синџири на набавки на материјали од Македонија, Бугарија,  Србија и од други места. Преферираме соработка со локалните добавувачи од Македонија” – рече Шоеб.

ВИК е вклучен во проектот за дуално образование во СОУ ,,Ристе Ристески – Ричко,, со отворање на посебна паралелка за техничар за машинско производство. Според анкетите за работна сила, оваа струка е  една од најбараните. Во училиште, паралелки имаат отворено и компаниите, Гентерм и Витаминка.

Вицепремиерот Битиќи  ги повика компании да инвестираат во дигитализација, во нови технолошки процеси, да иновираат производи и услуги и во подготовка на кадри со дуалното образование за да бидат поконкурентни и на домашниот и на меѓународните пазари.   

Loading