ЌЕ БИДЕЛО „ВЕОМА“ ТЕШКО!

ivce1Филм. Македонски. Има во него и ликови кои не се македонски. И тие зборуваат на својот јазик. Ние читаме превод. Еве едена реченица: ,,Војник ли си ти или мамина маза?,,. МАМИНА МАЗА! Што значи тоа? Можеби во некои локални говори се употребува именката ,,маза,, но во стандардниот јазик тоа го нема. Придавката ,,мазен,, значи дека станува збор, на пример, за мазна површина, мазна кожа и така натаму. Глаголот ,,мазни,, значи дека некој прави нешто за да биде мазно. Си ја мазни косата. Кај нас децата можат да бидат галени, разгалени, а не размазени. Тоа ,,мамина маза,, ако баш треба буквално да се преведе би било – ,,мамино галениче,,. Рековме, кај нас глаголот не е ,,мази,, туку ,,мазни,, и има поинакво значење. Кај нас придавката ,,галена,, ја среќаваме и како сопствено женско име. Името би гласело Галена, а не Мазена. Во преводите на филмовите среќаваме грешки од секаков тип. Редовни се грешките со заменките – ,,неа,, и ,,нејзе,,. Еве една реченица – ,,Биле во соба со нејзе,,. Или ,,Требаше да направиш нешто за нејзе,,. Овде треба да се употреби заменката ,,неа,,. ,,Биле во собата со неа,, и ,,Требаше да направиш нешто за неа,,. Не ,,со нејзе,, и ,,за нејзе,,. Заменката ,,нејзе,, може да се употерби во случаите како ,,нејзе и реков,, – ,,нејзе и го дадов,, и слично. Значи ,,неа ја,, и ,,нејзе í,, .

Чудно е што во синтаксата се прави една редовна грешка. Наместо да се рече – ,,не барај ме,, ние редовно читаме во преводите – ,,не ме барај,,. Друг пример: ,,не ја шири работата,, наместо ,,не шири ја работата,, . Во оваа реченица грешката е двојна. Секогаш е така кога станува збор за глаголите од групата ,,и,,. Во случајов ние не знаеме дали некој ја шири работата (не сака да ја шири) или пак имаме императивна форма кога некому му се обраќаме со барање да не ја шири работата, да не ја проширува. Овие синтаксички грешки се редовни. Уште една изразуваме чудење што скопскиот локален говор се наметнува како стандарден, а лекторите никаде ги нема.

Понекогаш човек не знае дали да се смее или да се револтира. Слушаме разговор на новинарка со извесен господин за кого не ја разбравме неговата функција. Како и да е. Разговараат за велосипедистите. Им ги краделе точаците. Замислете! На тие што возеле велосипеди им ги краделе точаците. И господинот и новинарката во долгиот разговор употребуваат де велосипед, де точак. И ако зборот ,,велосипед,, има француско потело тој одамна е влезен во нашиот јазик со тоа име и тоа литературна норма. Зборот ,,точак,, (што на српски значи ,,колце,,) мошне брзо се истркала кај нас и сега повеќето луѓе наместо велосипед го користат зборот точак. А најлошо е, како во разговорот  кога во исти момент се употребуваат двата збора. Затоа е смешно да се слуша дека на велосипедистите им биле крадени точаците. Едно време многу луѓе го употребуваа зборот ,,бицикл,,. Сега ретко или воопшто не го слушаме. Луѓето го одбегнуваат најверојатно поради тоа што мислат дека е српски. А зборот е латински и значи – две колца.

Се појавува на екранот висок политичар. Препознатливо е неговото ведро расположение. Вели: ,,Денеска ја одржавме првата конститутивна седница на Собранието,,. Од ова произлегува дека ќе има и некоја втора конститутивна седница. Несмасен израз. Може да се каже дека Собранието ја одржало првата седница која, всушност, е конститутивна. Може да се рече дека е одржана првата седница на Собранието и од тоа се разбира дека е конститутивна. Секогаш е тоа така. Собранието се конституира на првата седница. Исказот дека е одржана првата конститутивна седница, останува нејасен.

Ајде нешто малку од спортот. Фудбалскиот клуб Силекс од Кратово ќе играл во некое европско натпреварување. Тренерот, наш човек. Македонец, не купечки. Објаснува дека се паднал тежок противник, од Азербејџан. Но, тие ќе се бореле. Немало да одат со бело знаме и ако ќе бидело ВЕОМА, ВЕОМА тешко. Браво мајсторе. Спортистот никогаш не треба да се предава. А ти, јазику наш МАКЕДОНСКИ не грижи се. Ти си загарантиран, од сите страни, од исток е малку замаглена гаранцијата, но ништо! Ние не се предаваме, и ако ќе биде ВЕОМА, ВЕОМА тешко.

Loading