КАБАЕТ

Неизбежен дел од општеството е кабаетот со сите свои доблести и мани. Убавината се истакнува кога ја има улогата на префрлање, бидејќи тоа е најзабавниот дел од кабаетот. Не само што е забавно, туку е и крајно олеснително, да се гледа чинот на преминување на кабаетот, особено ако тој преминува од нас, кон некој друг.

Кога бевме деца и топката случајно ќе ни излеташе во дворот на соседите, кабаетот секогаш паѓаше врз ветрот. Ничија употребена сила, ниту нестабилна нога не признаваше ниту малечок ситен дел од кабаетот. Ако некој полицаец сопре возач за брзо возење, кабаетот паѓа на неговиот неисправен мерач или положбата на полицискиот автомобил кој оправдано не би требало да се наоѓа токму тука. Доколку нечиј ручек излезе од шпоретот во полуцрна состојба, кабаетот веднаш ќе падне врз шпоретот кој пресилно горел или врз оној кој му го одвлекол вниманието на готвачот. Ако ученикот добие единица по математика, кабаетот неминовно ќе падне на професорката и нејзината дарба за правење тешки тестови. На секој фудбалски натпревар, кабаетот задолжително го ,,носи,, судијата или паѓа врз различно обоените дресови од спротивната екипа. Евентуално и врз временските неприлики.

Кабаетот е секогаш оној кој паѓа и тоа секојпат со различна брзина, носејќи различна тежина. Никој не го сака тој товар на сопствениот грб и ретко кој успева да го докрепи. Затоа сите уживаат во леснотијата на префрлањето на кабаетот, особено врз оној кој не ни го заслужува.

Кабает е турцизам што потекнува од турскиот збор кабахат кој значи вина или прекршок. Во македонскиот јаазик се употребува со значење на вина, кривица или кабаетлија и тоа во улога на именка.

Loading