АКО САКАТЕ ГОЛОВИ, ГЛЕДАЈТЕ ЈА ДЕСПИНА!

Фудбал: Прва женска лига

-Просекот е 10 гола по меч

Golot na Sara Petreska

Фудбалот се игра за голови, а токму нив ги има во изобилство  кај  настапите на женската екипа Деспина. Прилепските фудбалерки есенва во Првата лига не се задоволуваат со минимални или победи со мала разлика, туку настојуваат што повеќе да ја тресат противничката мрежа. Во првото коло со 9:1 ја совладаа Плачковица во Радовиш, во второто со 14:0 дома настрада ЖФК Кочани, а само во третото коло ЖФК Истатов даде посилен отпор во Дојран, каде со 4:2 победи Деспина.

И на последниот меч дома, од 4 коло, гледачите со маски и зад оградата, се нагледаа голови во дуелот на Деспина со скопско Шкупи. Гостинките покажаа борба и беа со намера за достоен отпор, но тоа им успеа само во почетната фаза. Тие неколкупати се доближија до домашниот гол, изведоа и корнер. Голманката Хафса Илјази одбрани тешки удари. Имаше среќа кога топката удри во дирекот. Конечно резултатот се отвори во 14 минута со одмерениот удар Ангела Стојковска. Борбените скопјанки се трудеа да избегнат висок пораз. Надежта им згаснуваше со секој нареден примен гол. Во 36 минута видовме ,,мат во три потега,,, додавање Елена Бошкоска – Сара Петреска – Катерина Милеска, која со леснотија, како да нема голманка пред себе, зголеми на 2:0. Оттука па натаму целосна доминација на Деспина и прашање беше само со колку голови ќе бидат испратени чаирчанките. До крајот на полувремето во листата на стрелците се запиша Петреска, а по одморот толку се заредија головите, што гледачите беа во дилема каков е резултатот. Стојковска и Милеска дадоа по уште два гола (вкупно по три), по еден кривопаланчанката Катерина Милевска и битолчанката Анастасија Илиевска. Малку им беше тоа, па збунетите гостинки си дадоа и два автогола, за конечни 11:0 за Деспина.

Во средата беше победата кај Борец во Велес (8:0), а следен меч дома за нова ,,голејада,, е со битолски Атлетико.

Loading