НИЗ МОЛИКА ДО „ПЕЛИСТЕРСКИТЕ ОЧИ“

Национален парк

pelister-pelisterski-oci

Националниот парк Пелистер со своето богатство, разновидност и колорит на планината Баба привлекува истражувачи, посетители и вљубеници на природата. Тој е прв прогласен национален парк во Македонија од 1947 година. Се простира на 17.150 хектари. Лоциран е меѓу преспанската и пелагониската котлина. Паркот го добива името по највисокиот врв, Пелистер, висок 2.601 м. Баба е најјужна планина со алпски карактеристики на Балканот.

Паркот е доста пристапен, а од Битола до локалитетот Копанки има околу 15 км. Пелистер претставува панорамник, од кој се протега величествен поглед до планината Јакупица на север, Селечката и Кајмакчалан на исток и кон Преспанското Езеро, планините Галичица и Јабланица. Како на дланка се набљудува Пелагонија и се ужива во боите од Преспа.

pelister-vrv

Вегетацијата е несекојдневна и исклучително богата со разнообразен растителниот свет. За Пелистер се вели дека претставува ,,природен арборетум,,. Растат околу 88 дрвенасти растенија, класификувани во 23 фамилии, што претставуваат 29 проценти од вкупната дендрофлора во Македонија. Вонредните шуми и другите флористични елементи кријат големо богатство на животински свет. Карактеристичен е и по бројните извори и со постојаните и повремените водотеци.

Климата е мошне погодна. Се одликува со умереност, како во зима, така и во летниот период. Средномесечната јулска температура е 18,4 степени. Тоа е мошне пријатна рекреативна вредност.

pelister-

Планината Баба се смета за најпитома во Македонија. Нуди уживања за секого. Завиткана е со прекрасни терени за планинарење, алпинизам и спортување. Претставува предизвик за запознавање во секое годишно време. Теренот е богат со природни феномени, необични структурни белези и специфична геолошка конструкција, како што се камените реки и мориња, острите карпести гребени, камените прстени, тревните тераси и др.

Пелистерски очи

Двете глацијални езера, Големото и Малото Езеро, познати како Пелистерски очи, се оддалечени меѓусебно два километра. Претставуваат прекрасно место за починка. Во нив живеат ендемичната пелистерска и пелагониската поточна пастрмка. 

Во Малот Езеро се среќава раскошна популација од вилинското ракче, кое претставува балкански реликтно-ендемичен таксон. Исклучиво во Големото Езеро живее амфиподното ракче, пелистерски ендемит, досега регистриран само во ова езеро. Само во водите на овие две глацијални езера, се среќава харпактикоидното ракче, пелистерски ендемичен вид.

Петтоигличниот бор молика

Најзаслужен за добивањето на статусот национален парк е токму петтоигличниот бор молика, откриен од австрискиот ботаничар Аугуст Гризебах во 1839 година. На Пелистер има молики постари од 230 години. Ова дрво претставува најзастапена, најрасширена и најзначајна растителна форма во националниот парк. Шумата  располага со извонредни рекреативни својства. Има ендемски карактер, а со тоа куриозитетни, атрактивни туристички својства. Моликата е автохтон петолистен бор со терциерна старост. Како реликтен вид е феномен на Балканскиот Полуостров.

Loading