УРНЕК

Отсекогаш луѓето уживале да се споредуваат меѓусебе, понекогаш земајќи се себе си како појдовна точка, а понекогаш земајќи други сосема небитни луѓе. Токму урнеците имаат голема улога во правењето споредби.

Во ова ново, напредно време, се чини дека урнеците се обезличени, а самиот процес на обезличување уште трае. Кога станува збор за урнекот на еден успешен човек, може да се каже дека ја има сменето смислата низ текот на годините. Ќе земеме урнек од било кој богат човек. Тука потребно е да се нагласи дека станува збор за финансиски богат човек, или оној со кој би можеле да поврземе бројка на автомобили, станови или имоти. Понатаму не се поставува прашањето како човекот станал богат. Се смета за сосема излишно, па дури и бесмислено, иако повеќето без размислување би му го препишале збогатувањето на неговата нечесност или добрите корени.

Урнекот на успешен човек се здобива и со видоизменување тогаш кога ќе се спомне и неговата слава. Успешниот човек мора да е надалеку познат и што повеќе озборуван, бидејќи тоа е урнек, а за тоа служат урнеците.

Најжалната страна на урнекот на успешниот човек е кога ќе се додаде неговата далечина. Ако некој човек, го зел својот успех од тука, го спакувал во својот куфер и го однел некаде далеку, е тоа го заслужува епитетот урнек. А, повеќето успешни луѓе кои навистина се вредни за да станат урнеци, се далеку од тука и ретко кој знае за нив.

Убава е нашата земја поради урнеците кои ги има. Поседуваме урнеци за било која дејност од животот. Останува само да се гордееме со нив.

Урнек е архаизам кој потекнува од турскиот збор öрнек. Во македонскиот јазик има значење на пример, примерок, мостра, образец, ремек-дело, мајсторство и тоа во улога на именка.

Нина Насеска

Loading