ВОДЕНА ПРАШИНА ОСВЕЖУВА ВО ГУСТАТА ШУМА

Водопадот на Бабуна

Babuna-2

 

Иако патот пеш е напорен, сепак не се чувствува умор, оти воодушевува глетката и турка напред по угорнината

Никого не оставаат рамнодушен експлозивни млазеви вода што бликаат од длабочините под карпестиот масив на врвот Солунска Глава. Тоа се изворите на реката Бабуна. Со уникатноста даваат непроценлива вредност на нашите природни богатства. Доволно е само да се застане над бучните кладенци и да се почувствува моќта и убавината на природните дарови. Дополнителна воодушевувачка сцена е десетметарскиот водопад под изворите низ кој во секунда протекуваат стотици кубици кристално чиста и питка вода. Под водопадот се формира мал базен во кој и среде лето водата е толку студена што човек одвај може да одржи рака под вода.

Изворите на Бабуна и малиот водопад се толку бесценети и воодушевувачки, што и природата не сака на човекот туку-така да му ги препушти во секое време. Пристапот е преку тесна, а на моменти и стрмна и лизгава патека. Мора да се оди внимателно. На патеката ве сретнува информативна табла  со јасно предупредување – ,,Пешачењето кон изворите да не се изведува во зима, доцна есен и рана пролет,,.

Планината Јакупица, каде се наоѓаат изворите на Бабуна, е речиси недопрена од човекот. Така и патеката нема потпорна ограда. Отсуството на луѓето на место му дава уште поголема вредност и го прави попримамливо за почитувачите на природата и планините.

Izvori-na-Babuna-Galaxy-S9-R-101748-768x1024

Оние кои ќе решат да ги видат и да се напијат вода од изворите, треба да се подготвени за неколкучасовно пешачење. Патот почнува од рибникот кај селото Нежилово, во месноста Азот, односно на патот Велес –  Богомила. Уживањето тргнува од селото Нежилово. Од рибникот се пешачи околу два часа по земјен пат што води кон планинарскиот дом Чеплес. Глетката е незаборавна. Во еден миг се појавува карпестиот масив и врв на Солунска Глава во облаци, врвот на планината Јакупица. Потоа се наидува на дрвен патоказ што покажува дека е време за исклучување од ,,лесниот,, земјен пат. Тогаш претстои вистинската авантура низ тесната патека, еден зад друг. Пожелно е нозете да бидат обуени во планински обувки. Не е многу напорно. Потребно е внинателно да се чекори да не дојде до лизгање на влажните лисја и камења покриени со мов.  Се пешачи низ шума, додека во длабочината долу се слушаат брзаците од реката Бабуна. После еден час пак има табла. Стрелката право води кон изворите, а десно долу кон водопадот. Подобро е првин да се видат изворите, а потоа надолу кон водопадот. На двете места чека незаборавно уживање, солидно освежување и капење лете во водената прашина што се создава од падот на водата.

Нема фотографии или видеа кои можат да ја доловат убавината на изворите и водопадот. Тоа мора да се почувствува уи види со очи и со душа.

Izvori-na-Babuna-Galaxy-S9-R-130340

Loading