ПОСТАВУВАЊЕ НА ГОЛОВИТЕ

Фудбал: Градски стадион „Гоце Делчев“

Stadion

Привршуваат работите на теренот од Градскиот стадион ,,Гоце Делчев,,. Голем близу девет декари, теренот го добива убавиот лик со сите елементи. Веќе е поставено базјето. Целосно е раззеленет просторот за фудбалската игра. Според стандардите на ФИФА, со милиметарска прецизност се обележани со бела боја линиите – правоаголникот од 105х70 метри, петереците, шеснаесетниците, кругот околу центарот… Се ближи денот за фудбал. Поставени се и алуминиумските голови, бели како снег. Зад нив се планирани исправени цевки, држачи на мрежите. Глетка за инспирација на играчите. Голгетерите со голем мерак ќе шутираат, голманите ќе се фрлаат на меката и рамна подлога.

Активности на стадионот почнаа во јуни со поставувањето на автоматскиот систем за брзо и лесно наводнување. Потоа се постави базјето од одбрана трева за фудбал. Поради долготрајните летни горештини, има делчиња од базјето кои се оштетени, но ќе се санира за неколку дена. Сé би требало да биде во најдобар ред до втората половина на септември. Тогаш се очекува одигрување на првиот првенствен натпревар по пауза од четири години.

На новиот терен не му се радуваат само играчите, ами и најзагреаните навивачи, кои секој ден со голем интерес го надгледуваат реновирањето.

Loading