ЗОРТ

Сè има своја добра страна, па дури и зортот. А, понекогаш зортот ја има честа да биде носител на традиција, или едноставно да биде пренесуван од колено на колено.

Нема погрешно време за освежување на спомените кои лежат во бабините ковчежиња, касели и разни други кутии заборавени во прашливиот таван или визба. Кога и да се отвори една од нив, мирисот на тос ќе биде ослободен од многуте гоблени, милеа и други рачни изработки кои пропатувале дотука со рувото на девојката.

Со денешниот современ и колку толку модерен начин на живот, не можеме да замислиме колкав зорт морале да поминат нашите баби за да извезат еден гоблен. Зортот траел месеци, па дури и години. Видот им опаѓал додека ја везеле ,,Тајната вечера,, по шема, на Вилеров гоблен, но не се откажувале. Тоа е таа традиција на зортот која се пренесувала од мајка на ќерка и од баба на внука.

И сега во некои домови може да се видат крунисаните гоблени со позлатена рамка како уште ги красат ѕидовите. Сличен зорт нашите баби минувале додека ги везеле милеата, кошулите, перничињата, чаршавите и уште многу други ремек дела кои излегле од нивните вешти раце.

Покрај целиот зорт на везачките, тие успеале да ја пренесат љубовта кон везењето на своите потомци, а тие пак нам. Така зортот станува спореден, се воздигнува над самиот себе, па дури и дозволува да биде заборавен, бидејќи она што останува е извезена љубов меѓу разнобојните конци.

Зорт е турцизам кој потекнува од турскиот збор зор, што во буквален превод значи тешко или напорно. Во македонскиот јазик се користи со значење мака, напор, страв или плашење и тоа во улога на именка.

Нина Насеска

средношколец

Loading