„УПЛАВНАТА ВОДА, ТАГАТА“

НОВА ЗБИРКА ПЕСНИ НА СУЗАНА ЃОРЃИЕВСКА

kniga Suzana

,,Уплавната вода, тагата,, е трета збирка поезија на сограѓанката Сузана Ѓорѓиевска. Објавени се педесетина песни.

Авторката, според писателката Габриела Стојаноска Станоеска, не престанува да потпевнува и натпевнува, лирски и вдахновено, и поетски да ја сонува и мисли речта и тогаш кога прстите се распишувале на покусо и на подолго возбудливи фабули на раскази и романи или пак вешто вкрстуваат драмски дијалози, пуштаат да течат монолози.

– Збирката го одржува квалитетот и континуитетот на нејзината поезија која не е обичен пев, туку поетска мајсторија со префинетост и избрусеност каква што имаат делата на најдобрите, не на калфите, учениците, помагачите и препишувачите меѓу авторите… Песните се групирани во три тематски и духовни целини насловени: ,,Уплавната вода, тагата,, ,,Сакам да ти раскажам,, и ,,Оние места,,. Песните од првиот циклус се во знакот на водата, заеднички за насловот на збирката… Вториот циклус, соодветно на отворено искажаната интенција низ лирски пев ,,раскажува,, за настани и опева ликови. Третиот циклус нацрпува најтесно и најинтимно и ја чува во грстот преклопени песни љубовната напивка за двајца. Со дарбата на поетски кујунџија, инвентивно и посветено, авторката работи мали поетски приврзоци за лежење на срце, тесни песни со стихови од три-четири, оддава или од само еден збор, вечни вертикали од длабочина до горе го прстенисуваат минатото со сегашноста, сегашноста со иднината – вели Стојаноска Станоеска.

Збирка доаѓа по поетските творби ,,Сенки,, (1997) и ,,Срна,, (2005). Или ова е шесто дело кое ги опфаќа и монодрамата ,,Мегдан,, (2003), романот за деца ,,Сонувачот, купувачот и уште нешто,, (2008) и збирката раскази ,,Влегување во песната,, (2019).

Loading