ЦРТИЧКАТА БИЛА „ЦРТКА’

ivce1Млад политичар. Полн со себе и со својата ароганција. Зборува за изборите. Партиите на различни страни. Едни мислат едно, други друго. Младиов политичар има свој став. Нормално, ги напаѓа оние од спротивната страна. Коментирајќи така, вели: ,,Изборите не се договарања, преговарања, пренемагање меѓу партите,,. Вака некако успеавме да ја прибележиме односната реченица. Можеби не е сосема точна. Тоа и не е толку важно. Вниманието ни го сврте зборот ,,пренемагање,,. Ете, нашиов млад политичар успеа и да го ,,збогати,, нашиот речник. Од каде ли му падна на ум овој збор? Дали му го знае вистинското значење? А и да му го знае, зошто би го употребил, тој збор не е наш, ниту пак ни е потребен. Во нашиве телевизии, во тие извори на грешки, не се сеќаваме да сме го слушнале. ,,Пренемагање,, значи истоштеност, исцрпеност, премаленост. Пренемагање може да се употреби и во малку поинаква смисла – ,,преправање,,. Човек може да се преправа, да изигрува умореност, премаленост и слично. Приближно вака е одбележан и објаснет во македонскиот речник. Како и да е, без разлика какво му е значењето, тој збор нема и не треба да има место во нашиот јазик. Сите ние Македонци сме големи борци за македонскиот јазик (се разбира – декларативно). И нашиов млад политичар е од редот на тие борци. Еве, се погрижил и да го збогати јазикот. Се насетува тука и некакво ,,пренемагање,,.

Во скопскиот говор се користат многу зборови кои не се наши, а се во редовна употреба. Контактна емисија. Гледачите се јавуваат, прашуваат, а докторката (гостинка) одговара. Се јавува извесна госпоѓа и зборува, ги изложува проблемите на својата внука. Тоа и не го слушавме многу внимателно. Не разбравме точно за какви проблеми станува збор. Го слушнавме само краткиот одговор од докторката: ,,Водете ја внуката дома и клукајте ја со витамин,,. КЛУКАЈТЕ ЈА! Поинакво значење има тој збор во нашиот јазик. Клукање може да значи чукање, удирање. Може да значи манифестирање на болка – ,,Ме клука коленото,,. Знач,и станува збор за силна болка. Оттука доаѓа името на птицата ,,клукајдрвец,,. Тој клука (чука) со силниот клун по стеблата од дрвјата, барајќи храна или правејќи дупка во која изгради седело. Тоа се значењата на глаголот ,,клука,, а бабата треба својата внука да ја ,,колка,, со витамин, а не да ја ,,клука,,.

Новинарка разговара за пандемијата со сгостинка – директор на висока здравствена институција. Се јавувале лажни вести. Директорката вели дека тоа ,,другачије,, биле ,,измишљотини,,. Го заборавила македонскиот збор (прилог) ,,поинаку,, и безброј пати го користи српскиот збор ,,другачије,,. Зошто е вака? Зошто интелектуалците не размислуваат и за јазикот, а не само за фактите за кои објаснуваат? И ,,измислица,, и ,,поинаку,, се наши зборови. Зошто директорката ги отфрла нив, а користи српски? Ех, кога би била само таа, со таков однос спрема својот јазик!

Еве шлаг на тортата. На ТВ квиз, преземен од српска телевизија.  водителот со шармантен и духовит стил зборува српски, а ние читаме превод на македонски. Или барем треба да биде на македонски. Покрај многуте грешки (лексички, синтаксички) емисија слушнавме и нешто кое предизвикува смеа. Во квизот се зборуваше за разно-разни нешта. Водителот повеќепати го користеше зборот – ,,цртици,,. Да! А, ние повеќепати читаме превод – ,,цртки,,. Ете така, немој некој да помисли и да рече ,,цртица,, или ,,цртичка,,. Кај нас тоа е ,,цртка,,.                                                                                                                                                               

Loading