АЧИК

Архаизми, турцизми и уште нешто…

Лесно е да се соли памет, па и кога твојот е р’тос солен. Порано ми велеа да ги отворам моите чувства на ачик. Така ќе сум добиела ачик срце, а тоа е богами голема работа. Кој знае што го правеше ачик срцето толку големо. Не можам да кажам дека не го посакував, а можеби и сега некаде длабоко во мене уште тлее таквата скромна желбичка. Честопати ми се посочуваа одредени луѓе кои наводно во себе имале нешто на ачик, кој срце, кој мисли, кој дела. Ачиклиите беа интересна појава. Ги гледаш и чиниш со секој следен поглед ти го соголуваат своето ачик срце и го оставаат на виделина така распарчено. Но, сега таквите луѓе се сé поретка глетка, особено на ачик места. Ми раскажуваа дека на ачик места се прават најголемите измами. А можеби и има вистина во тоа. Таму измамите се највидливи, а ако не си видел измама, не можеш да веруваш.

На крајот успеаа да ме научат да барам ачик секаде и во секого. Среќа што ачикот не се троши,  инаку ќе збиравме на резерви. Оти најдобриот ачик е оној кој сите си го негуваме во своето срце и никого не пуштаме внатре.

Ачик е архаизам што потекнува од турскиот збор аçıк, кој и ден денес се користи во турскиот јазик со буквално значење отворен. Во македонскиот јазик може да има повеќе значења (отворен, јасен, бистар, јавен, без срам, на виделина и др.), а се употребува најчесто како придавка и прилог за начин.

Нина Насеска – средношколец

Loading