НЕ ПЛАШИ СЕ – НЕ СЕ ПЛАШИ

ivce1Слушаме многу често совети, како да се заштитиме од вирусот ,,корона,,. Токму така – вирусот ,,корона,, а не како што редовно се вели ,,корона вирусот,,. Дури се создава и збор коронавирус. Во последно време тоа стана мода. Наместо – ,,телевизија Алфа,, се вели ,,Алфа телевизија,,. Случаите се многу, да не набројуваме.

Но, да се вратиме на советите што ги слушаме (и ги читаме) за заштита од вирусот. Меѓу другото, нé советуваат и велат – ,,не се групирајте,,. Ваквиот ред на зборовите во односната реченица не е својствен за литературниот јазик. Зошто да не биде – ,,Не групирајте се,, како што треба и како што е правилно? Оваа недоследност најмногу се забележува во глаголите од групата – И.

Го следиме квизот. Српски. Водителот го храбри учесникот, му вели дека не треба да се плаши, не е тешко. Ние читаме превод на македонски. Читаме: ,,Не се плаши,,. Ете, глаголот ,,плашИ,, е од групата И. Што треба да се разбере од оваа кратка реченица? Секако ќе разбереме дека некој не се плаши. Целта е друга. Му се кажува на натпреварувачот дека не треба да се плаши. Реченицата треба да гласи – ,,Не плаши се,,. Вакви погрешни конструкции читаме и слушаме мошне често. Особено во преводите на филмовите и на телевизиските серии.

Доста жестока расправа на една наша телевизија. Би се рекло – расправија. Се делела помош на одреден број граѓани. Е сега, како требало да се толкува тоа? Дали е тоа државна помош или пак треба да се сфати дека тоа е заслуга на одредена партија? И сега, новинарката вели – ,,Дали таа помош треба да и се препише на партијата,,? Овде грешката е во глаголот ,,препише,,. Ако го правела тоа партијата, нејзе треба да í се ПРИПИШЕ, а не да и се ПРЕПИШЕ. Често ја слушаме оваа грешка. Навидум ситна. Но, не е така. Значењето на овие 2 глагола е сосема различно. Независно од тоа што разликата ја создало тоа дали ќе биде употребен вокалот ,,И,, или пак ,,Е,,. Ученикот може да ја ПРЕПИШЕ задачата, но таа не може да му се ПРИПИШЕ како квалитет.

Погрешната употреба на предлогот ,,за,, е мошне честа. Слушаме ваква реченица: ,,Мисијата на ОБСЕ пристигнува за 3 дена,,. Сме слушнале и вака: ,,Македонија ќе добие влада за 20 дена,,. Мисијата на ОБСЕ ќе пристигне по 3 дена. Тоа сакаше да каже новинарката. А вака како што е речено, се подразбира дека мисијата на ОБСЕ ќе престојува 3 дена. Исто како и другата реченица. Во неа се сака да се каже дека Македонија ќе добие влада ПО 20 дена, а не ЗА 20 дена. Вака како што е кажано би требало да значи дека таа влада ќе трае 20 дена.

Стануваше збор за некакво растение кое личело на зелка. Од областа на кулинарството беше емисијата. Тоа растение што прилегало на зелка било ,,зелкасто,,. Тоа е придавка изведена од именка, а во нашиот јазик односната наставка гласи ,,ест,, а не ,,аст,,. Според тоа, тоа растение што личи на зелка имало ,,зелкеста,, форма, а не ,,зелкаста,,. Може да се рече и ,,зелковидна,, форма, но ,,зелкаста,, не може и не смее. Такви придавки, изведени од именки има многу – брадест, мускулест, иглест, месест и многу, многу други. Да повториме! Нашата наставка во ваквите случаи гласи ,,ест,, а не ,,аст,,.

Прилогот ,,кон,, мошне често го слушаме погрешно употребен. Тој покажува правец. На пример: ,,Луѓето се упатија кон центарот на градот,,. Значи, во тој правец. Кон центарот. А еве, слушаме за некакво некоректно однесување. Биле напаѓани новинарите. Новинарката вели дека имало напад кон новинарите. Напад може да има на нешто или врз нешто, а не кон нешто. Во случајов, имало напад врз новинарката. Некој вербално ја нападнал.

За крај. Докторка објаснува дека смртта настанала ,,изненада,,. Ненадејно докторке или од ненадеж. Не изненада.

Благоја Ивчески

Loading