ПРИРОДАТА ИЗВАЈАЛА ЗЕТ, НЕВЕСТА…

Куклица

Kuklica 1

Една македонска убавина која е нужно да се посети е селото Куклица кај Кратово. Познато е по природно извајаните статуи налик на кукли пред 10 милиони години. Селаните го викаат местото “Весела свадба”, затоа што сватовите останале насмеани, а младенците скаменети во нежна прегратка. Во геолошкиот резерват има 148 кукли, или земјени пирамиди. Народот на секоја кукла í дал некоја улога, на пример, кум, старосват, чичо, стрина, сватови… Највпечатливи се невестата и младоженецот, кои се придружени од деверот и деверицата.

kuklica 2

Ако Куклица станеи ваша дестинација, да се знае дека се стигнува само преку Кратово на патот Куманово – Крива Паланка. Има знаци за Куклица. Слабост на атракцијата е што нема кафуле или ресторан за одмор. Времето се минува исклучиво во воодушевување со дарот на природата.

Феноменот земјени пирамиди или камени кукли во светски рамки претставува ретка појава. Според научниците, вертикалната ерозија на вулканските карпи ги создала “куклите”, повисоки од 10 м., кои и денес доминираат во околината. Со вековите, природата извајала ретко ремек-дело. Таму имало езеро, кои со истекувањето ги моделирало ,,куклите,,. Кај горните кукли се наоѓа вулканска кал, за која научниците прелагаат градба на лечилиште за ревматични заболувања. Како и да е, ваква “свадба” нема никаде на светот и ова место е заштитено од државата.

kuklica 3

Според легендата, во селото Куклица се случила огромна трагедија. Момчето, во кое една девојка од Горно Маало била смртно вљубена, се оженило со друга од Долно Маало. Девојката во очај ги проколнала младенците. На свадбата се собрале сватовите и гостите. Клетвата се остварила кога младенците се бакнале и сите гости на свадбата биле скаменети. До ден денешен на тоа место можат да се видат скаменетите зет, невеста, нубка нункоа и сите останати сватови кои сведочат за гневот на несреќната девојка.

kuklica 4

Друго предание се пренесува дека во селото живеел ѕидар на куќи, но бил голем лажго. Тој решил да се жени. Во селото имало Горно и Долно Маало. Мајсторот им закажал свадба на двете Стојанки во ист ден. Стојанка од Долно Маало била многу богата, имале овци, говеда, афион, памук, коноп, но не била убава. Стојанка од Горно Маало, била сиромашна, но многу убава. Стојан одлучил да се ожени со Стојанка од Долно Маало. Кога слушнала тапани и гајди, Стојанка од Горно маало се зачудила зошто сватовите не дошле. Слегла во Долно Маало да провери што се случува и сфатила дека мајсторот се жени со побогатата Стојанка. Тогаш ја фрлила клетвата – ,,Да даде Господ, сите да се скамените, па макар и ти и јас,,!  Кога младенците се бакнале, клетвата се остварила и сите свадбари се скамениле. Затоа и денес постои поуката дека и во пеколот нема гнев, силен како оној на повредена жена.

Kuklica 5

Луѓето раскажуваат дека предците се обиделе да ја растурат клетвата на вљубената девојка, но не успеале.

Сличен природен раритет постои во Ѓавоља Варош во Србија.

Локалитетот не е целосно истражен. Со понатамошната ерозија, ќе се појават уште многу кукли кои можеби ќе одговорат на прашањето што се случило со несреќната девојка.

Нашата земја е прекрасна и полна со чуда, како геолошкиот раритет ,,Веселата свадба,,.

kuklica

Loading