ПОПОТ СО БЛАГОСЛОВ МУ СЕ ОДМАЗДИ НА ЧОРБАЏИЈАТА

Се потплаши попчето Тодор да не го затечат сам со невестата, та немајќи каде да се засолни рипнало во празната преграда на амбарот во којашто чорбаџијата турал брашно.

Преградата била празна, ама подот и страниците уште биле, бели, та прпелкајќи се, попчето се направило ко воденичар. Свекорот од невестата не заборавил да го побара и во таа преграда. Го измолкнал за брада сиот испрпелан во брашно и му го предал на еден заптија, повикан да му ја штити честа, бидејќи на попчето не му беше првпат ова идење кај чорбаџијата кога овој не беше дома. Невестата се правдаше пред свекра си дека си го чува намузот, но не може да го истера со сила. И за да се одмане попчето, ја нагласија работата со свекра í да го ,,скрие,, таа во преградата од брашното. Свекор í го повикал Селим-чауш со еден заптија и му го предаде. Го протера заптијата низ селото така брашнав и му го теслими на стариот мудур Арслан-беј којшто беше дошол од Битола да пресуди некои тужби на самото место; да не ги вика луѓето во Битола на судење.

Се изнасмеаја селаните, а повеќе селанките кога поминаа заптијата преку село, се изнасмеа и мудурот и сите што беа околу него. Му зеде една лира џеза и му се закани да не оди кај невестата Јованка кога е сама, оти, ако го дотераат пак, ќе го казни со десет лири.

Од тој ден поп Тодор не стапна веќе кај Јованка ни по службена должност а камоли на ,,муабет,,, како што ги викаше тој ваквите посети. Ама затоа пак таа и целата нејзина куќа останаа со години неблагословени од свештено лице и како за инает, почна се наопаку да им оди во куќата. Јованка се разболе, свекор í си ја лацна половината и заоди прекршен со два стапа под мишка. Едниот вол си ја окрши ногата на права ледина, а магарето се кремниса од мелот.

-Ја фатија Јованка клетвите од поп Тодор – си повторуваа жените по чешмата и реката и í препорачуваа да оди кај попот и да бара прошка од него за навредите.

-Колку да е грешен тој, неговото пак се слуша од Горниот – í велеа.

 Јованка почна да се мисли, да ги послуша ,,умните,, совети на старите жени. Во прашање беа здравјето и напредокот на куќата. Проклетството, анатемата фрлена од попот паѓаше на цел дом. Ако не се исправи грешката, ќе се запусти куќата. Грешката може да ја исправи само тој што ја направи! Свекорот ја натера Јованка да го подмами попецот и таа нему му се нафрли оти сега треба да ја исправа ,,неправдата,,, додека свекорот го почувствува ,,гневот божји,, врз неговиот грб. Затоа потклекна и попушти.

– Со свештено лице шеги не се терале – помисли прекршениот свекор. Ги зеде двете патерици и отиде в црква кај попецот. Го дочека да ја пушти црквата и застана пред царските двери.

Тодор ја разбра работата.

– Ми го доведе Свети Илија златен – помисли и скрои одмазда.

– Ќе се мирам со него само да не ме брка од дома и да ми ја плати лирата што ми ја зеде Арслан-беј.

Се согласи свекорот уште в црква. Ја извади лирата и уште една франга за срамот што го претрпе низ село. Му бакна рака и го одведе од црква право дома на ручек. Јованка ги пречека и таа му бакна рака. Го замоли за прошка и за благослов. Поп Тодор ,,охотно,, го излеа сиот благослов на анатемисаната куќа. Животот тргна да тече како во сите селски куќи. Тргна напрет на куќата. Попот слободно си влегува и си излегува од куќата и дење и ноќе. Јованка со ништо не се оддолжи што í го врати здравјето, а свекорот, што ја симна анатемата од куќата.

Loading