ФАРБАМЕ СО БОЈА

ivce1Постигна успех документарниот филм ,,Медена земја,,. Номиниран беше за два оскара. Не ги доби, но во таа проблематика не навлегуваме. Кога се вратија во земајва читаме – ,,Медењаците се вратија дома,,. Редовна и голема грешка. Нашите именки не можат да имаат наставка ,,њак,,. Според нашите граматички норми таа гласи ,,ник,,. Авторот на тој текст сакал и употребил, ете така, еден милозвучен збор за учесниците од филмот, но заборавил на граматичките правила и употребил српска форма на именката. Според нашите правила, именката треба да гласи ,,меденик,,. Има и други такви. На пример, парче месо од над бубрезите се вика (или треба да се вика) ,,бубрежник,,. За жал сите го викаат ,,бубрежња,,. Филмот се вика ,,Медена земја,,. Ако баш се сакало да се најде некој таков збор што ќе звучи пофално, пријатно, можело да се рече: ,,Медените се вратија дома,,. Како и да е ,,медењак,, не може и не смее. Таа форма, рековме, е карактеристична за српскиот јазик.

Инаку, во филмот се зборува на повеќе јазици. За тие текстови што не се македонски читаме превод. Страшно лош. И во лексиката и во синтаксата.

Извесна спортска новинарка искажува пофални зборови за одредена спортска екипа. Меѓу другото, вели дека екипата имала десет победи во низ. Ова го слушаме од новинарка, спортски коментатор на доста гледана телевизија. Претпоставуваме дека таму има и лектор. И да нема. Сите знаеме дека именката кај нас гласи ,,низа,, а не ,,низ,,. Новинарката без да размислува го зема тој збор, без никаква потреба, од српскиот јазик. Сме слушале од неа и други грешки. Слично нешто се прави и со именката ,,основа,,. Сите знаеме дека таа именка во нашиот јазик гласи токму така. Зошто мнозина и даваат машка форма? Колкупати сме слушнале да се вели – по основ на закон, по основ на тоа и тоа и така натаму. Слушаме, во српскиот јазик да се вели ,,На основу тога,, и ние ,,По основ на тоа,,.

Интервенирала полицијата. Читаме на телевизискиот екран дека некои лица фарбале со боја. Ете ти бесмислица ,,Фарбале со боја,,. Зборот фарба, а и фарбање не се наши. Но, ете, под силното влијание на скопскиот говор, упорно се користи на многу места и од многу луѓе. Но, ако некои фарбале, треба да се каже дека тоа го правеле со фарба. А ако користеле боја за таквото дејство, значи дека бојосувале (бојадисувале), а не фарбале.

Слушаме од презентерот и читаме на екранот ,,ново заболени,, ,,само изолација,, ,,опоравување,, ,,22 случаи,,. Грешки се тоа. Не може да биде ,,ново заболени,, ниту пак ,,само изолација,,. НОВОЗАБОЛЕН е еден збор, тоа е сложена придавка. САМОИЗОЛАЦИЈА е сложена именка. Исто така тоа е еден збор. Овие грешки ги среќаваме во сите ТВ. Погрешно се напишани, а и според акцентирањето насетуваме дека и презентерите така ги чувствуваат и погрешно ги акцентираат. 22 СЛУЧАЈА, а не случаи. Овде пообично е да се користи избројана множина, кога станува збор за бројот 2.  ,,2 петла на едно буниште не пеат,,. Во многу ситуации и од многу луѓе го слушаме (мошне често) зборот ,,опоравување,,. Некако со сила навлегува овој збор во нашиов јазик. Се разбира најмногу го слушаме од новинарите, а и од голем дел медицински работници. За политичарите и збор да не станува. Зошто им се туѓи нашите зборови ,,заздравува,, ,,закрепнува,,.

Еве, за крај, ќе забележиме дека во центарот на Скопје била посадена трева. Тоа ни го соопштија новинарите, а и градскиот татко на Скопје. Одлично. Само не знаеме каде најдоа толку колчиња за садење. Господи! Трева се сее, не се сади!

П.С.

Да престанат спортските новинари со употреба на именката ,,погодок,,. Тоа може да се користи во стрелаштвото, во игрите на среќа. Во фудбалот, во ракометот, тоа е гол, а не погодок.

Loading