ПАНДЕМИЈА ОД ВИРУС, ЕПИДЕМИЈА ОД ГРЕШКИ

ivce1Пандемија! Опасна. Се бара лек. И во таква ситуација се шири епидемијата од јазични грешки во нашава земја. Ќе има ли лек? Секојдневно слушаме извештаи за состојбата со пандемијата и во Македонија и во светот. Се изнаслушавме и јазични грешки. Министерот не известува дека во Јапан немало нови заболени. Господин министер, Јапонија е тоа во нашиот јазик. Навистина, во ваквата ситуација најважни се проблемите што ги наметнува пандемијата, но тоа не значи дека грижата за јазикот треба да биде последното нешто. Што се не слушнавме и не прочитавме. Грешки што сме ги слушале и порано, но сега многукратно се повторуваат. Именката ,,гужва,, е една од нив. Зошто не разбравме, не сфативме дека во нашиот јазик тој збор означува метален обрач. Веслачите на чамци веслата ги провираат во такви метални обрачи кои се викаат ГУЖВИ. Потегот на плугот се прицврстува за јаремот, исто така, со метални обрачи – гужви. Зошто ги отфрламе нашите зборови – турканица, мешаница, навалица, метеж, а го земаме зборот гужва? Го слушаме на сите телевизии и од сите новинари, лекари, политичари, интелектуалци и од сите обични луѓе.         

Треба ли да се преземат построги мерки и какви? Висок политичар ја смирува ситуацијата. Вели: ,,Тренутно не треба да се крева паника,,. Зошто да не биде дека во моментов не треба да се крева паника? Именка ,,тренутак,, и прилог ,,тренутно,, нема во нашиот јазик.

Доктор, специјалист епидемиолог зборува за состојбата со опрема на медицинските работници. Зборува пошироко, детално ја објаснува ситуацијата. За заштитната опрема во еден момент вели: ,,Опремени се од главе до пете,,. Докторе, па тој израз го имаме и ние. Зар е тешко да се каже дека биле опремени: ,,Од глава до петици,,?

Еве пак разговор на таа тема, за болестите, за настинките, за вирусите. Повеќе учесници, главно од областа на медицината. Новинарот го води разговорот. Во еден момент вели: ,,Настинките хараат како што би рекол народот,,. Не е точно дека народот би рекол оти настинките хараат. Тој збор (хараат) го нема во нашиот јазик. Не би се сретнал ни во некој од народните говори. Тој непотребно е позајмен од српскиот јазик. Тоа не го направил народот, туку ,,интелектуалците,,. Непотребно и погрешно се наметнува во говорот на обичните луѓе. Зар не е подобро ако се каже дека настинките косат, пустошат? Може да се најдат и други изрази и други зборови со кои ќе се објасни опасноста од настинките. Да, можат. Но, ете, како и во многу други случаи, земаме туѓ збор. Обично од српскиот јазик. Ќе наведеме уште неколку што ги слушаме редовно. Често се вели ,,тачно,, наместо точно, слушаме ,,ружно,, наместо грдо. Чудно е, зошто толку често го слушаме глаголот ,,се дешава,,? Слушаме дека се десила сообраќајна несреќа, дека се дешавале и други такви. Глаголот ,,се дешава,, го нема во нашиот јазик. Според тоа ја нема ни именката ,,удес,,. Редовно слушаме за тоа кога ќе проработат угостителските објекти. Во тој контекст зборот ,,кафана,, е употребуван безброј пати. А толку едноставно е тоа кај нас наместо ,,кафана,, да се вели кафеана. Потеклото е турско и значи ,,кафе куќа,, како меана што значи ,,вино куќа,,. Но ние повторно и којзнае по кој пат земаме туѓ збор.

Се задржавме претежно на вокабуларот користен за време на пандемијата. Тоа не треба да значи дека овие јазични недоследности не се и не биле присутни порано, и во многу други ситуации. Напротив, ги има секогаш, но сега премногу често се повторуваат и создаваат дури и револт. Ќе завршиме со една редовна грешка која сега ја слушаме премногу често. Министерот за здравство, речиси сите здравствени работници, политичари, сите велат дека ситуацијава со вирусот корона треба да се прати. Голема грешка. Глаголот ,,прати,, кај нас има сосема поинакво значење: прати писмо, прати порака, прати поздрав и слично. А ситуацијата со болеста треба да се следи, а не да се прати.

П.С НАДОКНАДА е често употребуван збор. Грешка. Тој збор кај нас гласи НАДОМЕСТОК.

Loading