СЛАБЕЕ КОРОНА ВИРУСОТ

д-р Татјана Мургоска Станимировиќ, спец. епидемиолог

d-r Tatjana Murgoska Stanimirovic  epidemiolog

Повеќе од два месеци Прилеп живее со пандемијата од корона вирусот. Ковид 19 е нов и непознат вирус. Според д-р Татјана Мургоска Станимировиќ, спец. епидемиолог од Центарот за јавно здравје, корона вирусот досега имал околу 200 модификации, а во Прилеп скоро сите починати имале хронични заболувања.

– Утврдено е дека постојат повеќе модификации на овој вирус, повеќе видови на вируси. Едни се повеќе патогени, други се помалку патогени и од тие причини имавме и разлика во клиничката слика. Кај ниту еден друг респираторен вирус нема досега утврдено толку различна клиничка слика и симптоми од фактички сите системи и органи, тоа не е својствено за респираторните вируси. Дури и кај помладите беше утврдено дека имаат коморбидитет, било дијабет, било кардиоваскуларно заболување, хипертензија, астма, претежно беа лица со некое хронично заболување. Меѓутоа, има и помлади и лица над 55 години. Тоа укажува дека се работи за повеќе видови на вируси, неки повирулентни, некои попатогени, некои помалку и во зависност од то каков ќе биде исходот на заболувањето. Повеќе корона видови на коронавируси, значи досега докажано е според некои експерти кои досега правеле анализи дека од почетокот на појавата на коронавирусот претрпел меѓу 170 и 200 модификации, промени. Сето тоа доведува до појава на различни видови. На една територија, на едно подрачје можат да циркулираат различни видови на вирусот и во зависност од тоа е и клиничката слика. Значаен е имунитетот на организмот, присуството на некое хронично заболување и самиот вид на коронавирусот, тука игра улога – вели епидемиологот Татјана Мургоска Станимировиќ.

Станимировиќ вели дека вирусот ослабува. Има сé помал број заразени и се намалени случаите со тешка клиничка слика.

– Речиси подеднаков е бројот на мажи и жени, но смртноста е поголема кај мажите. Во однос на старосната граница, бројот на заболени се движи меѓу 20 и 64 години. Прво, регистриравме случаи со потешка клиничка слика. Последниве 2-3 недели, како што се намалува бројот на заболени, се намалува и бројот на случаите со потешка клиничка слика. Пациентите хоспитализирани во инфективното одделение не се така како што беа на почетокот со тешка клиничка слика. Тогаш голем број се праќаа на лекување и во Клиниката за инфективни болести. Значи факт е и она што го тврдат експертите дека со текот на времето вирусот ослабува и се намалува и бројот на заболени, се намалува и тежината на клиничката слика. Следејќи го бројот на заболени, кај нас од почетокот на пандемијата, најголем број на заболени, или пикот, го имавме меѓу 17 и 24 април. Во период од 2 недели во просек имавме од 40 до 45 заболени, додека, почнувајќи од 24 април наваму, бројот постепено опаѓа. Од 1 мај наваму имаме во просек меѓу 15 и 17 заболени неделно. Тоа значи дека е намален бројот за половина во однос на тој период кога се регистрираа најголем број на заболени. Во последниве две недели претежно ги тестираме, ги следиме контактите на веќе потврдените позитивни случаи на Ковид. Од тие кластери или од кругот на тие заболени наоѓаме новозаболени, нивни контакти. Така, бројката на заболени се намалува – вели Станимировиќ.

Станимировиќ информира дека следат 7 кластери во Прилеп, а состојбата во Тризла не е драматична.

– Имаме 7 кластери. Ги следиме од 1 мај, бидејќи следењето од 14 дена на позитивните и на нивните контакти од датумот на последниот контакт трае 14 дена. Од 1 мај имаме 7 заболени лица со место на живеење во населбата Тризла, 5 лица се од 2 фамилии, додека останатите се од други семејства. Едно заболено лице потекнува од кластер од една фабрика, За другите, еден кластер од почетокот на мај се фамилијарни 3 контакти. Не можевме тука да го најдеме изворот, првиот контакт од каде тој се заразил. Не би рекла дека се случува нешто драматично во Тризла. Тие се луѓе вработени, во работен однос од овие фамилии, кои работат во различни фирми во градот. Ги следиме нивните контакти, активен надзор се врши над нив, како и над сите останати со секојдневно контактирање и следење на здравствената состојба. Сите тие контакти се изолирани – вели Станимировиќ.

Loading