ЗА ГОЛЕМ ТОВАР – ГОЛЕМ ЛОСТ

ivce1Дерби натпревар меѓу двете македонски ракометни екипи Вардар и Металург. Трибините преполни. За ваквите натпревари и полицијата е на штрек. Така беше. Многу навивачи и многу полиција. Се случи инцидент. Конфликт помеѓу навивачките групи. Судиите ја прекинуваат играта. Коментаторот известува дека тоа се случило поради некој РАЗГОРОПАДЕНИ навивачи. И тој, ете, обземен од непријатната атмосфера, не успеал да најде македонски збор со кој ќе ги окарактеризира таквите навивачи. Дали не можеше да ни каже дека тоа се РАЗГНЕВЕНИ, РАЗБЕСНЕТИ, РАЗУЛАВЕНИ навивачи? Можеби може да се најдат и други зборови кои можат да се употребат во ваквите ситуации, но не се малку и овие што ги набројавме. Сепак, коментаторот одбрал збор кој не е наш. Го слушнал, веројатно, од некој негов српски колега. Глаголот РАЗГОРОПАДИТИ (се) и придавката ГОРОПАДЕН ги нема во нашиот јазик. И немаме потреба. Имаме свои зборови да се искаже поведението на навивачите. И не само на навивачите, тие можат да се употребуваат и во други ситуации.

Шекспировата комедија, чиј наслов на српски гласи ,,Укроќена горопад,, (горопадница), им создаваше проблеми на сите кои требаше да пишуваат за оваа комедија. Таа во Македонија (ако не држи сеќавањето) не е играна и не е преведена. Сме го слушале некогаш насловот ,,Скротена бес,,. Неодамна, наш еминентен преведувач изврши превод на сите Шекспирови дела. Уште не знаеме (не ни допаднала в раце) како е преведена комедијата. Именката ГОРОПАДНИЦА сигурно дека не е употребена. Се разбира, и не треба.

Кога веќе споменавме нешто за преведувањето, да подвлечеме дека буквалните преводи се сосема непожелни. Зошто го велиме ова? Прочитавме некој коментар во еден весник. Зборувала некоја пратеничка во Парламентот, ама говорот бил празен, несодржаен и без аргументи. Поради тоа, коментаторот пишува дека тоа било ,,Чукање на празна слама пред микрофон,,. Не успеал да најде наш израз за празното излагање и буквално го превел српското ,,Млатити празну сламу,,. Со таков буквален превод не оди овој израз во нашиот јазик. Новинарот требало да прибегне кон поинакво решение. Да побарал сличен израз во нашиот јазик. Составот ,,празна слама,, воопшто не се користи и не се користел во македонскиот јазик. ПРАЗНА СЛАМА не значи ништо, ниту пак постои некоја ПОЛНА СЛАМА. А и никој не чукал слама. Затоа и не се развил таков израз. Во ваква ситуација кај нас би се рекло ,,Матење вода во аван,,. При матењето (на млекото) се добиваат некои производи – маст и матеница. А при матењето на водата во аванот, не се добива ништо. Затоа, за некое зборување или работење кое нема никаква содржина и не дава резултати се вели ,,Мати вода во аван,,. За такви празни зборови може да се рече и ,,Дрн – дрн јарина,,. Сигурно има и други можности, но ,,Чука празна слама,, никако не оди во нашиот јазик.

Ќе приведеме уште една грешка прочитана во весник. Ќе извлечеме само дел од реченицата, зашто ако ја цитираме целата можеби некому нема да му се допадне содржината, а ние не сакаме да навлегуваме таму. Еве вака: ,,… некои ПОЛУГИ во македонскиот механизам,,… Именката ПОЛУГА го свртува вниманието. Чудно е, зошто ли ја употребил новинарот. Написот во кој беше употребена заслужува полно внимание. Изобилува со длабоки размислувања и со аргументирани ставови. Други јазични грешки не се забележуваат. Затоа велиме дека е чудно зошто е употребена именката ПОЛУГА. Тој збор, таа именка ПОЛУГА, во нашиот јазик гласи ЛОСТ.

Лостот служи за поткревање на некој голем предмет, на некоја голема тежина, голем товар.

Јазичните грешки кај нас стануваат голем товар. Голем лост ќе ни треба!

Loading