МАСКИ ЗА ДИСЦИПЛИНИРАЊЕ, ПРОШЕТКА ЗА ИНВАЛИДИ

Анкета – нови позасилени мерки за прилепчани заради пандемијата со корона вирусот

CIMG3011

Со цел спречување на ширењето на коронавирусот, Владата донесе нови мерки за трите најпогодени општини од пандемијата, меѓу кои се наоѓа и општина Прилеп, заедно со Тетово и Куманово. Од средата, 22 април, се воведува задолжително носење на соодветна заштитна опрема – маска, шал, марама и слично, надвор од своите домови, на сите јавни места и површини од отворен и затворен тип, како и затворени простории, маркети, продавници и сл. Полицијата со мегафони опоменува и контролира. Ги запрашавме прилепчани како гледаат на новите мерки и како се справуваат во време на полициски час.

Миле Михајлоски (78) пензионер – Дозволените два часа за движење, за мене беа доволни, да појдам до пазар, до продавница за да се изврши дневно пазарење. Сега кога ќе биде четири часа, од 8 до 12 часот, исто ќе биде пак за мене. По банките не одам многу. И тука веќе намалија гужвите денеска и вчера гледам дека се направи ред. На одручек не можеме да шетаме, но било убаво доколку олабават со меркие и попладне. Иако сме најризичната категорија, не се плашам. Не одиме никаде, никој не ни доаѓа дома, не се дружиме. Измегнуваме контакти со луѓе. Еве и со вас стоиме на дистанца, но вие инсистиравте да застанам…

Христина Ѓорѓиоска (56) невработена – Маските се да се заштитиме себе си и околината. Тоа е добро и превентивно. Иако мерките се за Прилеп, Тетово и Куманово, не смета, лично секој треба да сФати дека е заштита, првенствено за себе. Овие маски можеби не помагаат, но превентивно делуваат. Откако се мерките за пандемијата, претежно сум дома затоа што од работа сум испуштена, ме одјавија. Мерките ги почитуваме, но тешко паѓа седењето дома заради пандемијата и неработењето.

Aleksandar RisteskiАлександар Ристески (72) – пензионер – Мерките се одлични, така и треба. За нас треба и построги. Сега, бев плаќав в пошта, работат само два шалтери. Не сакам да критикувам, не се плашам од никого, само од Господ, но не треба вака. Јас кај што бев, во Австралија, ако гледа дека има луѓе, шефот застанува на касата, велејќи, јас од тебе живеам. Што се ова редици? Живеев во странство 30 години, муштеријата е во предност, оние од другата страна на шалтерот треба да го услужуваат. Мерките ги направија построги затоа што општо, народот е недисциплиниран, на Балканов и во Македонија, не само прилепчани. А прилепчани се ербапи, силни, прекусилни. Но, ќе ја менуваме културава. Се прекроив и јас во Австралија откако појдов, а поминав таму 30 години. Со камшикот, треба сами да се тепаме.

Vasile AleksoskiВасиле Алексоски – инвалидски пензионер – Категоријата во која сум е ризична, заради здравственаата состојба со срцето. Докторите ми препорачуваат дека треба да пешачам, барем два пати денот, по 5 или 2 – 3  километри. Барам и од ручек да имаме барем саат и пол да излегуваме,  одручек кога ќе биде најтивко да дозволат за инвалидските пензионери по еден саат иполовина време за пешачење. Побрзо ние ќе умреме од седење дома, од недвижење. Докторот што ме оперираше ми велеше: да пешачиш, нормално да се храниш и солено да не јадиш за да живееш. Тоа е за мене лек. Јас нема да умрам од коронавирусот, туку од седење дома. Од непешачње, затоа што ни е забрането движењето, ограничено само на два часа, треба да ни дозволат, мене и на сите како мене, инвалиди да можеме да се движиме и во полициски час.

Petar JovanovПетар Јованов – Мерките се построги за да се намали ширењето на вирусот. Прилеп е меѓу трите града оти е недисциплиниран, не се почитуваат мерките од Владата и Министерството за здравство. Не сме одговорни граѓани, мал процент само почитуваат, а тоа е за наше добро. Од денеска носат маски, а претходно многу ретко. Редици се создаваа, а беа непотребни бидејќи банките ратите за кредитите ги пролонгираа. Ова е резултат на менталитетот, на навиките на прилепчани. Да се надеваме дека со казните ќе се стави поголем ред. Во светот следам како се справуваат со Корана вирусот. Кај нас оди тешко. 

Роберт Јашмакоски – Луѓето не се свесни за ситуацијата. Не може да ја разберат сериозноста на опасноста од заразата. Мора да се седи дома и да го чуваме нашето и здравјето на најмалите. Не се толку дисциплинирани младите. Не може да им се најде крајот. Некои носат маски само надвор или под брада. Не се одговорни. Не знаат дека со таквиот потег го загрозуваат здравјето и на другите околу нив. Нужно е совесно однесување за да се спречи ширењето на вирусот. Без оправдувања секако да се почитуваат и другите мерки за претпазливост и заштита, држење на растојание, одржување на хигиената, миење раце…

Emilija GorgioskaЕмилија Ѓорѓиоска – Носам шал, оти маски не можат да се најдат. Од другите има во мали количества и недостасуваат. Во јавните препријатија ни дадоа маски и ракавици само трипати. Тоа е недоволно. Уште не е излезена уредбата за новите мерки. Но, ќе ја почитуваме, оти тоа е за наше добро, за нашето здравје. Мора да се издржи.

Loading