ИЛАЧ ОД ЗМИСКИ ОТРОВ

Живееле двајца браќа ко сите живи луѓе. И тие купувале сол.  Им се видела солта скапа, та гледајќи како расте житото, решиле да посеат и сол и да не даваат пари. Намислиле и направиле. Посеале цела нива сол, но на големо чудо, не никнала.

-Белки семето не чинеше годинава – си рекле браќата.

Идната година посеале друго семе, поодбрано, но и тоа не никнало.

Исто и на третата година.

Си рекле браќата дека нешто го јаде семето во земјата, што не никнувало. И отишле на нива да видат што може да го јаде.Копале и случајно удриле на една змија.

-Еве го штетникот – радосно извикале браќата во еден глас.

За да се уверат дека змијата го пропасила семето, едниот брат му рекол на другиот.

-Чекај, ќе ја лизнам змијата, да пробам дали е солена. Ако е солена, значи таа го јаде семето.

Кога се наведнал, змија ко секоја, го укасалала за јазикот.

Од отровот почнал да стенка, да офка и да се грчи од болки и тежини и да фрла пена од устата. Здравиот брат се видел во чудо и го прашал  укасаниот што сака да касне. Извадил од торбата лен и му подал, но тој ни да го помирисал.

-Белки сакаш лук, брату – прашал здравиот и му дал главиче лук.

Болниот и него не го помирисал. Го качил на магарето и го однесол дома да го лекува. Свикал бајачки да му бајат, го пеел попот за здравје, па го понадувал со разни понади, но немало лек.

-Кога ни тиква не јаде, значи болеста е неизлечива – утврдила една од бајачките.

Го свикале Пеја Итроманецот.

-Ако и тој не најде лек, отиде човекот. Му нема спас  – рекол еден од селаните.

Пејо го разгледал болниот, ја разбрал работата, па им рекол.

-Тешка болест, ама ќе се обидам – и го побарал ножот што ги колат маториците.

Го наострил од плочата под огниште и му го даде на брат му.

-На, и пресечи му ја главата, да се спаси телото. После јас друга ќе му турам, ако остане жив – рекол Пејо.

Мавнал братот и му ја отсекол главата на болниот брат. Почекале сите околу трупот. Бидејќи тој без глава не мрднал, Пејо немал зошто да му клава друга глава на мртвото тело.

Loading