ДЕСПИНА ДОМАЌИН НА НЕПОБЕДЛИВАТА САСА

Фудбал: Дерби во Женската лига

Despina

Прилепчанките имаат шанса за враќање на првото место

Во Женската фудбалска лига се разгори битката за првото место и титулата есенски првак. Откако екипата Деспина загуби со 1-0 во Струга од Ас унитед, стана појасно кои тимови се кандидати за највисок пласман. Покрај Деспина, лидерот Саса, втората Тиверија, се придодаде и Ас унитед. Екипата Деспина и покрај првиот есенски пораз, има изгледи за самиот врв. Веднаш следеше триумф од 0-12 во Кочани, така што сега се е подредено на наредното дерби. В недела (13 ч.) на теренот со вештачка трева кај некогашната Зоолошка, Деспина го чека лидерот Саса од Каменица.

Саса е ривал за почит со оглед на досегашните резултати. Има само 1 нерешена, 1-1  кај актуелниот шампион Драгон. Сите други 10 меча ги доби, најтешко 1-2 со Ас унитед во Струга, а најлесно Топ-Гол Битола со 8-0, со Кочани 10-0, Борец со 11-0 и Плачковица со 14-0.  И Деспина има едно реми, 0-0 дома со Тиверија, но и 1 пораз, споменатиот во Струга. Од деветте победи најтесни се 2-0 со Шкендија и 1-3 со Драгон, а највисоки 10-0 со Борец, 0-11 со Истатов, 0-12 со кочани и 15-0 со Љуботен. Според претходново, в недела ќе се соочат две одлични одбрани, со по 3 примени гола и два ефикасни напада, домашниот со 75, гостинскиот со 66 постигнати гола. Ако Деспина не ја совлада, Саса нема од кого да загуби до крајот на есенскиот дел, бидејќи игра дома со аутсајдерот Атлетико.

Табела: Саса 31, Тиверија и Деспина 28, Ас унитед 27, Шкендија 24, Драгон 22, Речица 16, Истатов 13, Топ-Гол 11, Борец 10, Кочани 7, Атлетико 6,Љуботен 3, Плачковица 0.

НАПРЕДОК ТРЕТ

Трета лига – Центар

Заврши есенскиот дел од првенството во Третата лига – Центар, лига која половина (7 тима) е прилепска. Највисок пласман од нив има Напредок Крушеани, трет со 30 бода. Доживеа само 1 пораз, со 6-3 од Превалец, трипати играше нерешено, а деветпати победи. Највреден е триумфот од 4-2 над фаворитот Росоман. Цела екипа е одлична, од голманот Ѓоргоски до напаѓачите Јанкоски со 18 и Никовиќ со 14 гола.

Табела: Превалец 34, Росоман 32, Напредок 30, Обршани 22, Н. Црнилиште 21, Младост 20.

Loading