ЗАПНАЛЕ КАКО ВОЛОВИ

ivce1Телевизиско студио. Водителката и гостинот. Гостинот – универзитетски професор. Познат и признат. Темата редовна и секојдневна, состојбата во нашава земја. Многу се очекувало, малку се направило. Некои работи биле дури и смешни. Водителката (и таа позната) вели дека народот понекогаш сака да се нашали. Госпоѓо водител, зар не знаете дека зборот ,,шала,, на македонски гласи шега. Па според тоа, народот понекогаш сака да се пошегува, а не да се нашали. Оваа грешка сме ја слушале и од други луѓе. За жал, го отфрламе нашето, а прифаќаме туѓо. Жалосно е тоа, а не шеговито.

Гостинот, професорот, не паѓа подолу од водителката. Напротив. Употребува зборови и изрази кои предизвикуваат чудење. Зборува за некои политичари кои вниманието го насочиле само на еден проблем, кои запнале да го решат само тоа. Вели: ,,Запнале како Сивоњи,,. Што значи зборот Сивоња и дали е наш? Воловите, барем оние што се користеа како ѕевгари, можат да бидат во разни бои. Најмногу сиви. Нашиве луѓе таквиот вол го викаа Сивче. Може да биде и Шарко и Брешко и многу такви. Ете, тој Сивче и Шарко во српскиот јазик се викаат Сивоња, Шароња и слично. Бидејќи воловите (кутрите) треба силно да запнат за да ја повлечат колата или да ја заораат браздата. Србите користат посебен израз. За човек кој запнал да решава некој проблем, особено безвреден: ,,Шта си запео као Сивоња,,? И ние имаме сличен израз. Но, не велиме дека некој запнал како Сивче, туку велиме: ,,Што си запнал како вол,,? Значи, ние, ете, сме го прошириле значењето на сите волови, а не само на Сивчевците.

Господин професоре! Сивите волови се сиви и кај нас и во Србија. Но, имињата, според нивната боја, се нарекуваат поинаку. Формата СИВОЊА ја нема во нашиот јазик. Кај нас тој си е СИВЧЕ, ШАРКО, КАЛЕШКО… И оваа грешка сме ја слушале и од други, се разбира, под влијание на српскиот јазик. Еве, што би рекла водителката, да се ,,нашалиме,,. Во Прилеп често велат: ,,Што си запнал како СИВОЈНА,,. Најверојатно дури и не го знаат буквалното значење на тоа СИВОЈНА,,. А вие професоре редно е да го знаете тоа, а уште поредно е да не го употребувате, да не му давате на Сивчета српско име.

Го следима разговорот понатаму. Професорот зборува за некој проблем кој сепак бил решен, но тоа било ,, силом прилике,,. Професоре, ние ве слушаме често, вашето познавање на работите, вашата ерудиција, вашите ставови, навистина предизвикуваат внимание. Ние навистина ве слушаме со големо внимание, а не ,,силом прилике,,. И тој израз може да се искаже и на многу други начини, но не смее вака. Не смее да се презема од српскиот јазик. Може да се рече дека проблемот се решил по сила на некои околности. Може да се дошло до решение кое го наметнале некои посебни услови. Може на многу начини, но не прилега професор, видна личност интелектуалец, да прави вакви јазични грешки.

Незабележливо се провлекува една грешка, речиси, постојано. Градот направил штета, а имотот не бил ,,осигуран,,. Имало апел лозјата да се ,,осигураат,,. Некои луѓе не биле социјално ,,осигурани,,. И така, многу често, го слушаме овој збор, најчесто погрешно употребен. Глаголот е ,,осигури,, и е од  групата ,,И,,. Според тоа, придавката ќе гласи ,,осигурен,, а не ,,осигуран,,. Множинската форма ќе биде ,,осигурени,,. Не ,,осигурани,,. Имотите треба да се ,,осигурат,, а не да се ,,осигураат,,. Формата ,,осигураат,, е својствена за глаголите од ,,А,, групата. Значи: ОСИГУРЕН, ОСИГУРУВА, ОСИГУРИ, ОСИГУРЕНИК, ДА СЕ ОСИГУРИШ, ДА СЕ ОСИГУРИМЕ!

Грешкава е честа, не многу видлива, но треба да се обрне поголемо внимание. 

Loading