ТУТУНСКИОТ КОМБИНАТ ГОДИНАВА ПРВПАТ ОЧЕКУВА ДОБИВКА

По 20 години

stankoski TKP

Тутунски комбинат по 20 проблематични години, последниве 5 години успеа да го стабилизира работењето и интензивно да се трансформира во ефикасна и модерна фабрика за производство на цигари и тутун во земјава. Според досега остварените резултати и проекциите се очекува Комбинатот, кој со децении беше еден од најголемите загубари во земјава, на крајот на годинава да покаже добивка, првпат после 20 години.

-Лани загубата беше околу 3 милиони евра. Тоа се должи исклучиво на реализација на програмата за подобрување на продуктивноста, во рамките на која се спроведе мерка за доброволно заминување на вработените од ТКП, во која се пријавија 222 вработени, на кои им беа исплатени отпремнини од 4 милиони евра. Тоа значи, како што е нотирано и во ревизорскиот извештај, дека без оваа акција, компанијата би остварила добивка од 50 милиони денари – вели Кирил Станкоски, генералниот директор на ТКП.

Со успешното спроведување на рационализацијата и решавање на превработеноста, ТКП направи нова систематизација на работните места, со што платите на вработените се зголемија меѓу 10 и 15 отсто. Најголемо зголемување е направено кај клучните сектори во погонот тутун и во погонот цигари.

Покрај оваа мерка која придонесе за рационализација на производството, ТКП ги намали непродуктивните расходи, ја зголеми енергетската ефикасност во производството, ја подобри состојбата во градежните објекти, набави нова опрема неопходна за нормално одвивање на производниот процес и се ослободи од непотребните залихи, со што драстично се подобри продуктивноста на компанијата.

-Во шестмесечниот извештај доставен до Македонската берза прикажана е загуба за првата половина од годината која е помала за 80 отсто споредено со истиот период од 2018 година. Ова не може да биде релевантен показател за работењето на ТКП за целата 2019 година. Поголемиот дел од приходите кои ги добиваме се остваруваат во втората половина од годината, кои, според сите проекции, ќе бидат повисоки од трошоците. Затоа очекуваме ТКП да ја заврши годинава првпат со значајна добивка – додава Станкоски.

Резултати се должат на стратешкото партнерство остварено со тутунскиот гигант Филип Морис Интернешнел и формирањето на заедничка компанија Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп (ФМТКП), што придонесе ТКП полека, но сигурно да се враќа на некогашните позиции како компанија со значителен позитивен придонес во македонската економија.

Стратешкото партнерство овозможи подобрување на инфраструктурата,  инсталирање на нови машини за производство на цигари, зголемување на продуктивноста и ефикасноста, согласно највисоките стандарди за квалитет според критериумите на глобалниот гигант во производството на цигари, како и стабилен откуп на тутун од тутунопроизводителите и навремена исплата на договорените количини. Партнерството придонесе да почне модернизацијата на производството и  првпат од кога е изградена фабриката цигари во ТКП се реновира производната хала од над 5.000 м2. Инсталирана е и нова машина за производство на цигари со потенок прогресивен формат или т.н. 7.0 формат. Тоа овозможи ТКП да започне со производство на Марлборо 7.0 формат за Филип Морис.

-Фактот што Филип Морис даде виза за производство на Марлборо 7.0 во ТКП е знак за исполнување на високите стандарди кои една глобална компанија ги има и на довербата која таа компанија ја има во ТКП. Производството на познати брендови е извонредно значајно за реномето на ТКП кој покажа дека со успешно менаџирање, потпомогнато со експертиза од ФМИ, може да исполни строги критериуми и да произведува премиум брендови каков што е Марлборо – вели генералниот директор Станкоски.

Loading