ВЕЛИГДЕН ВО НОВ СЈАЈ НА ТРЕСКАВЕЦ

tresklavec

До крајот на годинава, манастирот Трескавец треба да го добие својот препознатлив лик на големо духовно светилиште од 12 век и културно богатство уште од антиката. Пет години од последниот пожар, манастирот постепено се обновува.

Според Никола Ѓулизибариќ, главен проект-менаџер за Трескавец од изведувачот, фирмата Кото од Белград, крајниот рок за изградба на опожарените конаци е напролет, но изведувачите настојуваат до крајот на годинава манастирот да биде завршен. Ќе има трислојна заштита од пожари.

-Според договорот, крајниот рок да ги завршиме работите се напролет в година.  Но настојуваме конаците да ги завршиме до крајот на годинава. Градбата е во завршна фаза. Почнати се занаетчиските работи. Сите се радуваме да завршиме побрзо и поквалитетно. Материјалите што се вградуваат се првокласни. Керамиката е од Италија, дрвото е од Србија, камените плочи за покривање се од Грција. Ги применуваме најдобрите и најсовремени материјали. Посебен акцент е ставен на противпожарната заштита. Има три системи за противпожарна заштита. Сега се работи на синхронизација на трите вида на заштита. Објектот треба да биде заштитен 100 отсто. Манастирот Трескавец и црквата Успение на Пресвета Богородица се специфични за изведба – вели Ѓулизибариќ.

Според него, се работи полека, внимателно, зашто станува збор за префинети занаетчиски изведби.

– Ќе биде приближно како што било некогаш. Имаме искуство. Мајсторите работат на вакви објекти 25 години. Трескавец е светско богатство и е меѓу 100-те најпознати во целиот свет. Има автентична историја, особено ископините околу манастирот кои датираат од пред нашата ера – вели Ѓулизибариќ.

Отец Калист негува голема надеж дека наредниот Велигден ќе се прослави во обновениот манастир со многу гости.

– Работите се во поодмината фаза. До крајот на годинава ќе го видиме епилогот. Можеби некои ситници ќе останат за напролет. Како и да е, за Велигден, Трескавец ќе блесне за гостите со сиот сјај. Реконструкцијта на опожарените конаци е сегмент од целиот ,,мозаик,, Трескавец. Југоиточното крило уште не е започнато со реновирање. Најзначаен проект е реставрацијата на црквата, која датира од 12 век. Тоа оди заедно со трпезаријата која е од истиот период. Битен е и третиот проект за магерницата и магерничкиот конак. Тоа е југозападниот дел на Трескавец -објаснува отец Калист.

Водоснабдувањето е исклучително тешко.

– Има многу работа за возобновување на Трескавец. Предвидовме и простор за презентација на движното наследство. Ќе има музејска поставка, главно со 30-ина икони од 16, 18 и од 20 век, како и со ексклузивни предмети од археолошките истражувања последните четири години, кои ќе ја раскажуваат приказната за Трескавец и за античката населба Колобаиса-  кажува отец Калист.

И додека трае обновата, манастирот го посетуваат гости од целиот свет. Трескавец на надмосрка височина од над 1200 метри под врвот Златоврв.

Loading