СТАРА ЦРКВА ИЛИ И КАРПА – ЦРКВА

Кај селото Селце

91100004-v1

Во околината на селото Селце, на само 2 км од градот присутни се две активни цркви и две места со остатоци од стари цркви од кои, на едното има индиции за уште постаро светилиште, односно антички храм, а другото е карпа со фреско­живопис третирана како христијански храм.

Ако населбата од ридот Мечка води потекло од длабоката праисторија, објектите од религиски карактер во подножјето на планината кај селото се од релативно понов датум. Двете денешни црковни градби од кои едната е во селото, а другата во манастирот Св. Димитрија над селото, како градби потекнуваат од последните два века. Но, традицијата, се чини, има корени во двете светилишта чии траги можат да се видат и денес. На половина пат меѓу селото и манастирот, се наоѓа старата градба од сакрален (свет) објект со апсида. Градбата изгледа е зачувана само во темелите над кои е надграден ѕид од околу 1 м. од камен без малтер на околу 30 м2. Пред градбата има еден поголем блок од мермер грубо обработен, а во внатрешниот простор се среќаваат уште два мермерни елементи добро обработени. Едниот е мермерна ара со долниот дел закопана во земјата и во голема мерка затрупана со камења. Евентуалниот натпис на некоја од четирите страни не може да се види. Јасно се гледа дека се прилично добро обработени со врамени рамни површини. Другата мермерна сполија претставува поголема плоча која веројатно била дел од некоја постара градба која егзистирала на ова место. Мермерните елементи укажуваат на можноста од постоење некоја сакрална градба со постаро потекло кое води во првите векови на христијанството или евентуално во времето на многубоштвото во антиката кога им се граделе храмови на боговите. Во внатрешноста на градбата се забележува дека месното население има однос како кон света градба и остава ситни пари во олтарниот простор, пали свеќи и сл. Градбата се наоѓа на поголема рамнина меѓу два дола. Останатата површина пред градбата е полна со остатоци од поголема некропола. Голем број од гробовите се растурени или раскопани во минатото. Се добива впечаток дека во голема мерка пропаднале во земјата под тежината на каменот и масивните плочи од кои се градени. Во отсуство на какви било предмети кои евентуално се наоѓале во гробовите, тешко се датира од кога потекнуваат. Потеклото може да се поврзе и со потеклото на стариот храм кој егзистирал заедно со нив во некое далечно време. Во околината се најдува и по некое парче керамика од доцната антика. Сепак тешко е да се каже од кога потекнува овој локалитет без поконкретни археолошки сознанија.

P8070004-v1-800x445

На околу 300-400 м. води патот кој води кон манастирот Св. Димитрија, крај потокот од планината, се наоѓа уште еден сакрален објект со непозната традиција на култност. Станува збор за карпа која е третирана како своевидно христијанско светилиште. Во посебните природни длабнатини се насликани два фрескоживиписа на Св. Димитрија и Св. Никола. Од предната страна во поново време е изграден полукружен ѕид со кој е зафатена површина од околу 30 м2. Карпата потсетува на сличниот култен објект кај селото Дабница, околу кој се среќаваат и остатоци од гробови градени со плочи (цисти) и гробови длабени во карпа. Ваквиот култен објект кој е главно поврзан со карпа буди асоцијација на пештерските цркви, правени со длабење простории во карпа или со користење на природните пештери и со доградување со ѕид од камен и малтер. Тешко е да се толкува поконкретно за култноста на карпата без соодветно археолошко истражување кое евентуално би довело до археолошки наоди. Карпата може да има и подолга култна традиција. Тоа го покажуваат некои траги по карпестите површини во близина на карпата-црква. На пониски карпи над култната карпа се среќаваат неколку длабени дупки во кружна и правоаголна форма како и некои подолги канали кои упатуваат на постоење некакви градби кои биле градени над самите карпи. Не е исклучено во близина на карпата да има и остатоци од некропола од некое постаро време. Но, на прв поглед тешко е да се констатираат такви остатоци. Овде ќе се послужиме со примерот од Дабница каде што околу тамошната карпа црква очигледни се поголем број гробови од древните времиња. Тоа упатува на третирањето на карпата како своевиден црковен објект, односно храм во античкиот период доколку претпоставиме толку долга традиција.

Постоењето остатоци од сакрални објекти и некрополи од постаро време претпоставува и постоење остатоци од стара населба во близината. Ако се изземат праисториските населби во близина на Селце, познат е локалитетот Селиште на падините и рамните површини под манастирот на кој се очигледни трагите од населба на која се среќава керамика од средниот век. Не се исклучува можноста од постоењето остатоци од некоја постара населба од антиката која уште не е откриена. Бидејќи Прилеп се наоѓал на поголема оддалеченост, отвора можност за поставувањето на населбите.

Loading