ТРАДИЦИЈА И ЗАДОВОЛСТВО СО ИЗВОРЕН МЕЛОС

Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски”

poster

Во Прилеп и на Рудина кај Долнени се одржува 44. издание на Меѓународниот фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски”. Фестивалот ќе биде отворен вечерва од 20 часот на плоштадот „Александрија” во центарот на Прилеп кога ќе настапат дел од учесниците. Ќе настапат изведувачи на изворни инструменти (гајда, тапан, кавал, кемане) и на изворни песни од Југозападниот дел на Македонија. В сабота во лулката на Фестивалот, на Рудина кај Долнени е главниот натпревар од 18 часот.

Околу 250 изведувачи на народните инструменти и исполнители на изворни песни ќе учествуваат во двете фестивалски вечери. Селекторот и уметнички директор, професор Родна Величковска вели дека селекцијата е направена од околу 700 негувачи на изворната народна песна. Интересот и годинава за учество е огромен.

– Има огромен интерес на многу талентирани изведувачи на изворни инструменти и песни од сите краишта на земјава. Нашиот фолклор е богатство. Надарените народни музичари ги има од сите генерации, од најмлади до најстари. Како секоја година, и овојпат тешко се прави изборот. Очекуваме околу 250 учесници, покрај намалените средства за оваа година. Условите не овозможуваат сите да учествуваат. Мора да се ограничи бројот. Ќе уживаме во изворното творештво одржано со векови. Фестивалот е единствен оти се грижи за зачувување на богатиот изворен фолклор во чистиот облик каков што е создаван одамна од народот – вели Величковска.

Секретарот на фестивалот Златко Лашкоски вели дека како најреномирана и единствена манифестација од ваков вид во земјава, ќе се одржи високото реноме, покрај драстичнната редукција на средствата за организацијата.

– Повеќе од четири децении Фестивалот ги одржува основните цели: чување,  негување и пренесување на новите генерации на богатото, вековно, национално изворно творештво. Не ретко сме се соочувале со скромни услови и средства, но сме излегувале на крај без да се доведува во прашање реномето и високиот квалитет на изведувачите на изворниот мелос. Средствата од Министерството за култура се помали за 40 насто, но малку ќе ја збиеме програмата, ама квалитетот безусловно останува. Задоволство е што ја имаме целосната поддршка на локалните самоуправи на Прилеп и на Долнени – изјави Лашкоски.

Жири комисија ќе ги оцени и ќе ги прогласи најдобрите изведувачи на народни инструменти и песни. Ќе бидат доделени Гран при наградата за најдобри изведувачи и гајдата на Пеце Атанасовски за најуспешниот гајдаџија што традиционално ја доделува општина Долнени.

Во спомен куќата на Пеце

Семинарот за гајди

Во спомен куќата на Фестивалот за народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски” во Долнени се одржа петдневен семинар за изучување на изворните инструменти и песни. Група од десетина ученици од основното училиште во Долнени работеа со Горан Василески, м-р по фолклористика, кој им ги откри тајните заедно со етномузикологот д-р Родна Величковска.

– Најбитната цел е зачувување и пренесување на богатото вековно изворно творештво на новите генерации. Семинарот тоа го прави, упатувајќи ги младите во начинот на изворното пеење и музицирање. Задоволство е да се пренесува народното творештво. На вљубениците во изворниот мелос се обидовме да им ги пренесеме тајните како се свири на изворните инструменти и што е најважното во изведувањето на изворните песни. Има интерес кај младите генерации за пренесување и зачувување на долговековната македонска фолклорна традиција – вели м-р Горан Василески.

Семинарот стана традиционален.

Loading