МРТВИОТ ЕКИМ

cepenkoЦепенкови белешки

Еден еким бил многу учен. Сам се фалел оти кога ќе умре, а со билките што ги знаел ќе можел да оживи. Така направил три шишиња со билки. Им нарачал на жената си и на синовите, кога ќе умре да го потурат со едното од врв глава до нозете, со другото од десното рамо право удолу, а со треќото од левото рамо до петици. До 40 дни еден човек да го држи простум на градите си, на земи ич да не го легне на плеќи. Така преслагал, оти ќе оживи и после ич да не умира.

Дојде саатот и умре. Жената му ги зеде трите шишиња и го потури како што í нарачал. Првин со едното од врв глава и после со другото од рамото наудолу. По првото и второто потурање фати човекот да оживува. Ги отвори малку очите, промемоли со устата. Виде, сполај му на Бога, оти сака екимот со марифетот свој да оживи и да не умре уште еднаш. И заповеда на една чавка да летне и со крилото да го турне и да го скрши третото шише да не потури и да оживи. И така биде.

Го крена еден човек на гради и фати да го носи, за да се разоди со нозете. Екимот сеќаваше оти уште едно шише требаше за да му се тури, и туку велеше со збор недоречен: ,,Уштеее, уште едното шише турете го,,.

Ама, уште едното го окрши чавката што ја прати Господ и немаше друго да го потурат. Човекот му кажуваше, оти една чавка го окрши шишето. Тој не можеше да му ги докаже билките да направат друго. Така го држеше откупениот човек на гради простум и го разодуваше до 30 дни.

Му се смачи и на Бога, та прати еден ангел да пере со сапун еден црн мутав на една река што течеше покрај куќата од екимот. Му се пули човекот на ангелот, оти црн мутав го пере да го прави бел, носејки го екимот на крајот од реката.

-Момче бре, че те прашам нешто, ама право да ми кажеш. Зошто се мачиш со тој мутав да го переш со сапун – праша човекот

-Се мачам да го направам бел – му рекол ангелот.

-Ни дедо ти, ни предедо ти не белиле црн мутав со сапун. Нито ти ќе го обелиш. Уште 300 дни да го переш, пак не ќе го обелиш. Туку ај оди си – рекол чоекот.

 -Вистина? Уште 300 дни да го перам и не ќе го обелам? Ама ти што го држиш на гради полуумрениот човек 30 дни и ќе го носиш до 40. Уште 400 да го носиш, не че го оживиш. Кога че го обелам мутавов и ти че го оживиш екимов. Клај го на земја и че подзине, че се руши и че умре – му рече ангелот.

И вистина. Го остави на земи и веднаш подзина и се руши. Од смрдеа не се траеше до него. Брго го турна в река гробнина да не му се знае.

Loading