ДОНАЦИЈА ЗА ЦЕНТРИТЕ ЗА АУТИЗАМ

Прилепска пиварница

Prilepska pivarnica

Прилепска Пиварница потпиша договор за донација на 500.000 денари финансиска помош за Дневниот центар за аутизам во Скопје и за Дневниот центар за аутизам во Штип, кои претставуваат единствени центри од ваков вид во државата. Средствата се издвојуваат од Фондот за донации на Прилепска Пиварница, пренесува порталот Мкд.мк

Донацијата ќе биде наменета за потребите на дневните центри за аутизам за набавка на  најразлични реквизити потребни за нормален развој и живот на децата, како и за набавка на специјално возило наменето за Центарот во Штип.

– Со цел да помогнеме и да ја искажеме искрената грижа и поддршка за децата со аутизам, тие да ги добијат потребните услови за нормален раст и развој, ние, од Прилепска Пиварница, одлучивме средствата од Фондот за донации да ги насочиме токму за нив. Силно веруваме дека ваквите иницијативи нема да останат изолирани случаи во земјата, туку ќе претставуваат позитивен пример за следење и од другите компании, да придонесеме за инклузија на сите жители во општеството. Оваа донација ја надополнува кампањата на нашиот бренд Златен Даб, насловена како “Без предрасуди, без етикети”, која повикува на меѓусебна толеранција, прифаќање на различностите и ослободување од предрасудите – изјавија од Прилепска Пиварница.

Компанијата ја продолжува стратегијата за општествена одговорност и преку реализација на многубројни проекти во иднина ќе им даде поддршка на различни ранливи категории. На тој начин ќе придонесе кон позитивни општествени промени и кон градење заедница отворена и толерантна кон различните, за подобра иднина на сите нас.

Loading