АЏИЛАК НА ГРОБОТ НА ЦАР САМУИЛ

Црквата Свети Ахил на островот во Долна Преспа

ahil-larinski

Царот Самуил сакал во својата црква да има мошти на истакнат светител од првите векови на христијанството чиј култ бил раширен на поширок простор. Кога Самуил ја освоил Тесалија, наредил моштите на Свети Ахил да бидат пренесени на истоимениот остров во Преспа.

Егејска Македонија е земјата со чие име уште во античките времиња се означувала малата покраина во непосредна близина на Пела – престолнината на античкото Македонско Царство. Во тоа време Македонија го опфаќала просторот меѓу денешното исушено Пазарско Езеро и долниот тек на реката Вардар. Македонскиот народ во егејскиот или беломорскиот дел, според своите карактеристики и обичаи, јазично и етнички, им е туѓ на Грците (Елините). Затоа грчката буржоазија, од првиот момент кога ја проширила власт над Егејска Македонија, изградила политика на физичко истребување на македонскиот народ и менување на етничкиот состав во своја корист. Националниот состав на населението претрпел големи етнички промени, особено по Балканските војни и поделбата на Македонија. Таква судбината делеле Македонците од Долна Преспа во Беломорска Македонија, делени на Југославија, Албанија и Грција.

Сите села во Долна Преспа имаат заедничка историја, судбина и се без иднина. Едно со значајно историско минато е селото Ахил на островот Ахил во  Малото Преспанско Езеро, каде се наоѓаат остатоци од катедралната црква Свети Ахил Лариски. Царот Самуил сакал во својата црква да има мошти на истакнат светител од првите векови на христијанството чиј култ бил раширен на поширок простор. Кога Самуил ја освоил Тесалија, наредил моштите на Свети Ахил да бидат пренесени на истоимениот остров во Преспа. Пред да бидат пренесени моштите, островот се викал Преспа. Подоцна го добил името на светителот. На островот имало и село со името Ахил. По победата на византиската војска над самуиловата и по распаѓањето на Самуиловото царство, Василиј Втори на островот му ставил име Костанција. Името не се зацврстило пред силниот култ на Св. Ахил. Островот го задржал името на светителот. За култот на Св. Ахил зборува и присуството на неговиот лик во повеќе цркви. Така, на пример тој има значајно место во преспанската црква Св. Ѓорѓи во селото Курбиново, во костурско, во Мариово,  Кривопаланечко, Старо Нагоричане, во црквата на манастирот на Св. Наум и други цркви во Охрид…

Култот на Св. Ахил бил силен и во Србија, Грција што зборува за пошироката распространетост. Црквата во селото Требиште е посветена токму на овој светец, кој кај тамошното месно население се слави како Аурилија.

Црквата Св. Ахил е древен храм. Најмногу посетители доаѓаат од Долна, Егејска Преспа. Таа е најфотографираниот споменик на Преспа и е еден од најпознатите пејсажи на Егејска Македонија, на Грција и на Балканот на островот Св. Ахил.

 Византискиот хроничар Скилица пишал дека импозантната црква била градена меѓу 983 и 986 година од македонскиот цар Самуил, во близина на палатата на градот Преспа. Цар Самуил ја освоил Лариса, неговите војници ги довеле моштите Св. Ахил, на Св. Диодор од Трики и Св. Ригинос од островот Скопелос кои биле откриени на островот во 1963 година. Според научниците, при ископувањата бил откриен уште еден гроб во друг храм, покриен со пурпурна маса и пресечени ткаенини и туники врзани со орли. Овој гроб се смета дека му припаѓал на цар Самуил. Грчките истражители откриваат дека назалната коска покажува јасна лоза од Ерменија. Тоа потврдува дека мајка му на Самуил била Ерменка. Рачните коски на трупот покажале јасно дека тука бил погребан цар Самуил. Била најдена неговата скршена рака. Фактите сведочат дека таму бил закопан цар Самуил, некогашен владетел на многу области на Балканот кој бил голем непријател на византиските цареви. Ископувања откриле дека базиликата била изградена со материјал од античкиот македонски град Лица од западната страна на островот. Затоа посетата на базиликата Св. Ахил е повеќе од културна прошетка. Тоа е аџилак на убавината.

Импресивната црква била крстовидна базилика. Меѓу урнатините се гледа светилиштето со три пробиени прозорци, столбови од тули и камења и гроб на јужната страна. Пронајдените слики од 11 и 12 век изложени во музејот на Лерин сведочат дека црквата била во употреба до средината на 15 век и после била напуштена и разрушена. Според грчките податоци центарот на населбите, бил на островот Св. Ахил, долг 1700, а широк 500 м. На островот се откриени урнатини на неколку цркви, вклучувајќи ја и големата базилика, која според некои истражувачи била една од седумте големи храма. Според некои научници, црквата ја градел бугарскиот принц Борис по христијанизацијата на Бугарија. Други сметаат дека била дело на царот Самуил. Сепак, значајно е што црквата Св. Ахил е изградена во Преспа, во Македонија.

ahil-ostrov

Архитектонскиот план е сличен на Големата базилика во стариот град Плиска. Постојат траги на раното средновековно сликарство и скулптура во руините. На внатрешната страна на апсидата се напишани имињата на епископите, потчинети на бугарскиот Патријарх околу 10 век. И на централниот дел на островот, на височинката веројатно имало цркви, а во пониските делови, крај брегот, станбени објекти. Северниот дел бил наречен Порта што може да сугерира дека имало одбранбени ѕидови.

Постојат теории дека Преспа била резиденција на најстариот од четирите браќа, Давид, пред да биде убиен во 976 година. Подоцна станала резиденција на Самуил кој владеел со Царството по убиството на неговиот брат Арон во 976 или 986 година. Некои автори сметаат дека Преспа станал официјален главен град на империјата. Додека владеел цар Самуил имало палати, поврзани со кула на спротивниот брег со помош на вештачки песочен мост.

На источниот брег на Преспанското Езеро, кај селото Герман, цар Самуил оставил плоча со натпис посветен на неговите родители, таткото – Македонецот, Никола и мајката – Ерменката, Рипсимија, како и со посвета на неговиот најстар брат Давид.

По катастрофалниот пораз од војските на Византијците во битката кај Беласица, војниците на Самуил биле ослепени. Императорот Самуил побарал засолниште за ослепените војници во селата Асамати, Долно Дупени и на други места во Преспа, каде што и цар Самуил починал.

Според пишаните документи, Свети Ахил Лариски е христијански светец и епископ на Лариса. Длабоко проникнал во духовната филозофија. Поради високите човечки вредности бил епископ Лариски во 325 година. Со знаењето ги засрамил еретиците и придонесол да победат христијанските принципи. Според едно верување, Ахил зел еден камен и им викнал на ариевците: ,,Ако Христос е создание Божјо, како што велите вие, речете од овој камен да потече елеј,,? При повторувањето на прашањето во друга конотација – ,,Ако Синот Божји е рамен на Отецот, како што веруваме, нека потече елеј од овој камен,,! По овие зборови, протекло елеј.

Празникот на Свети Ахил се слави на 15 мај, стар стил. Овој ден имал важна улога во Охридската архиепископија. Иако седиштето на црквата се наоѓало во Охрид, синодот често заседавал во црквата Св. Ахил на истоимениот остров и тоа во мај, водејќи сметка синодските седници да завршат до 15 мај, до празникот. Кога Самуил бил прогласен за цар во 997 година, седиштето на Патријаршија било во Преспа, но потоа било пренесено во Охрид.

Loading