ТАИНСТВЕНА ЧУКА КАЈ ЧЕПИГОВО

Dali Cukata kaj Cepigovo e polna so anticki artefakti

Мајката на Александар Македонски е погребана во месноста Чуката кај селото Чепигово. Тука се најдуваат и некрополата на Александар – Петти, еден од наследниците на македонската империја на Александар Велики.

Вака тврдат анонимни археолози и диви копачи по археолошки остатоци.

Археолози велат дека чепиговската Чука не е ниту сондирана да се знае дали и каква историја се крие во утробата на земјата.

Според нив, нивите се полни со керамички и други остатоци. Но, не може да се предвиди додека не се направат првични истражувања што конкретно се сокрива во длабочината на ридот, што селаните го викаат Чуката.

Големи мермерни плочи се сведоштва дека постоеле накакви градби на Чуката.

Алаксандар Трпкоски од Чепигово вели дека во подножјето биле откриени камени плочи на порти при ископувањето на каналот пред педесетина години.

– Работниците кажуваа дека имало и остатоци од скали и тунели што воделе кон врвот на Чуката. Сето е затрупано, бидејќи се работело во строга тајност. При орањето се најдуваат парчиња и камења со елементи дека некаде биле вградени. Има остатоци од камени ѕидови, врзувани со вар. Луѓе често “рашетуваат” по Чуката и над археолошкиот локалитет Стибера. Штом пребаруваат, веројатно има некакви знаци – вели Трпкоски.

Селаните пренесуваат предание дека бугарските војници од Првата светска војна откриле грне со хелинистички златни пари при копањето на  рововите. Првин ги поделиле меѓусебе, но кога разбрал некој офицер, им ги собрал и ги предал во бугарските музеи.

Чепиговчани ја доживувале Чуката како мистериозно место.

– Околу мочуриштата ги пасевме говедата, додека од калта и шамакот излегуваше некаков крик на говедо што го вознемируваше добитокот. Не можеве да откриеме што се случува – се сеќава на детството минато како говедар стариот Трпкоски.

Се раскажуваат многу легенди за Чепигово. Една од нив е дека долг смок со златни обетки го чува локалитетот Стибера. Но, приказните се едно, а науката друго.

Во педесеттите години од минатиот век археологот Вулиќ го “отворил” локалитетот Стибера. Потоа бил оставен на милост и немилост на времето, сé до последниве години кога се работи на санација. За Чуката нема пишани документи дека се крие нешто значајно. И починатиот доктор Бошко Бабиќ, не нотирал дека се откриени порти, тунели или скали за качување при копањето на каналот кај Чепигово.

– Потребно е да се најдат знаци за значајни историски елементи. Земјиштето е во приватна сопственост на повеќе селани. Затоа првин треба да се експроприра и да се плати, а понатаму да се сондира и истражува – велат истражувачите.

Дотогаш е подобро да не се “чепка” и да се предизвикуваат дивите копачи, додека не се влезе во сериозен истражувачки зафат.

Loading