БРОЈНИ, МНОГУБРОЈНИ КУЌИ

ivce1Момче и девојка патуваат низ Македонија. Низ разни убави места. Меѓу другото, го рекламираат селскиот, или како што е сега модерно, руралниот туризам. Пристигинаа во извесно село. Не гледавме од почеток и затоа не разбравме за кое село станува збор. Одличен предел. Стари камени куќи и убави дворови. Идилично. Нашиве водачи ги претставуваат карактеристиките и убавините на селото. Еден од нив вели: ,,Ова е село кое брои многубројни куќи,,. Ете ти сега: ,,Брои многубројни куќи,,. Со глаголот БРОИ се прават многубројни грешки. Не сваќаат нашиве луѓе дека зборот БРОИ е глагол. Покажува дека некој нешто БРОИ. Овчарот ги брои овците. Човекот што добил пари ги брои дали се точно колку што требало. Има многу примери. Но, луѓето грешат и често зборот БРОИ го употребуваат со поинакво значење – ИМА. Наместо да рече дека селото ИМА многу куќи, тие велат дека БРОИ многу куќи. Наместо да речат дека Парламентот ИМА или го сочинуваат 120 пратеници, тие велат дека Парламентот БРОИ 120 пратеници. Чести се овие грешки. А онаа реченица што ја изговори водителот е сосема конфузна. Тој вели дека селото броело многубројни куќи. Селото ништо не броело. Може да се рече дека селото ИМА многубројни куќи. Може да се рече и тоа дека селото е со многубројни куќи. Но, ете, ТВ водителот вели дека тоа броело многубројни куќи. На овие двајца водители ова не им се единствените грешки, но, еве, сега ги забележавме само нив.

Решавал судот за проблемот на извесни притворени лица. Имале поднесено жалби за укинување на притворот. Слушаме вести на некоја од нашиве телевизии. Меѓу другото и за жалбите на притворените. Презентерката не информира дека жалбите им биле усвоени и: ,,На нив им се определува мерка за претпазливост,,. Наместо да се рече: ,,Ним им се определува мерка за претпазливост,,, презентерката вели – ,,На нив,,…

Се урнал некаков потпорен ѕид на ,,Водно,,. Презентерката информира и вели ,,Рано утринава падна потпорен ѕид,,. Таа вели РАНО УТРИНАВА, а вестите се вечерни. Кога би биле тие вести наутро, може така. Вака е погрешно. Народски би се рекло – ,,Рано сабајле се урно потпорен ѕид,,. Зборот ,,сабајле,, е архаизам. Затоа, правилно е – ,,Рано изутрина падна потпорен ѕид,,. Неможе навечер да се вели утрово.

Слична грешка. Во тетовската касарна се случил непријатен настан. При чистење на оружјето случајно биле повредени двајца војници. Еве ја информацијата на презентерката: ,,Двајца војници се повредени утрото,,. Сосема погрешно и сосема нејасно. Војниците биле повредени утрото?! Според ова, знаеме ли ние за кое утро станува збор? Многу често, може да се рече, редовно слушаме грешки од овој вид. Ако се рече дека војниците биле повредени УТРОТО, ние воопшто не знаеме кое било тоа утро, во кое утро тие се повредиле. Ако се рече: ,,Изутрина биле повредени двајца војници,,, веднаш станува јасно дека инциндентот се случил во денешното утро, во денешната изутрина.

Слушаме и гледаме емисија од областа на кулинарството. Разни јадења, манџи, специјалитети. И на крајот слушаме пожелување: ,,Пријатен апетит,,. Апетитот е желба за јадење. Тој може да биде добар, голем или мал. Нема пријатен или непријатен апетит. Замислете! Непријатен апетит! Позната е француската фраза бон апетит (добар апетит). 

Loading