МАРУЛ ВО „МАТИЧНИТЕ“ КНИГИ (13)

Screenshot 1Фељтон: Белешките на Томе Велјановски

– Со цел да ги заштити од заборавот, марулчанецот Томе Велјановски кој живее во Гетеборг, во Шведска пренесува податоци за венчавките, склучените бракови и карактеристични настани. Изнесените факти се според сеќавањата на Велјановски. Записите се оригинални, со правописни грешки и дијалект.

Број 8: Жени вдовици во Марул кои не се премажиле за други мажи

4. Вдовицата Дамјаноска Дамјаница Ристана остана верна во куќата на својот маж Дамјан. Дамјаноски Ристев Дамјан 1880 – 1924, роден од втората жена на Ристе Дамјаноски Дамјан од Доста Писокалката. Детето Дамјан на родителите им се родил во многу одминати години. Дамјан бил помлад од внуците на брат му Васил. Дамјан порастил момче, го ожениле за момата Ристана Петрева Митреска Декароска од с. Лопатица, прилепско. Дамјан и Ристана родија пет деца: Ѓурѓа, Стојна, Ристе, Никола и Петкана и живееја во заедница со внуците додека дојде денот за да се делат. Во 1924 година Дамјан и неговите внуци Мицо, Стојан и Јован направиле куќна делба. Дамјан во делбата барал да биди рамноправен со покојниот брат Васил во 1917 година. Неговите внуци стрикото Дамјан го третирале рамноправен со нив. Кавгата започнала на гроздобер во 1924 година во местото Капка во русечкиот синор. Дошло до вербална расправија, од една страна стрината Дамјана, а од друга страна внукот Јован, за една лоза во пењушката. Дамјан турал набрано грозје во бурето. Во близината била колата на неговите внуци делениците. Само што се наведнал Дамјан над бурето со кросното да го толчи грозјето, внукот Јован потикнат од неговата жена Менка да не е маж што попушта. Јован се налутил од нејзината провокативна изрека, го извадил кросното од бурето, го мавнал по глава Дамјан, го онесвестил стрикото. Го товариле Дамјан на карабеската коњска кола за да го носат на лекар. Дамјан починал по патот. Наместо на лекар, Дамјан го донесле умрен во с. Марул, го погребале. Делбата била трагична за двете куќи. Јован, внукот, убиецот одлежал осум години затвор од 1924 до 1932 година. Дамјаница Ристана остана вдовица со пет деца. Имала во себе голема храброст, ги порасти и  удоми сите деца, куќа не смена. Почина на третиот ден Велигден во 1959 година. Синот Никола не остави потомство.

5. Несреќната вдовица Гулабоска Огнејца Магда при четири родени нејзини деца се догледа со домазет. Гулабоски Стеванов Огне и Дамјаноска Дамјаница Ристана се први брачеди од две родени сестри од Божиновци од с. Бонче. Гулабоски Огне 1867 – 1915 е женет со Дашоска Петрева Магда од с. Марул. Огне и Магда имале четири деца машки. Трајче 1888 – 1915, Новаче 1902 – 1921, Најдо 1898 – 1932, Младен 1908 – 1925. Кога фатила Првата светска војна Огне таткото и синот Трајче како српски војници повлекувајќи се преку Албанија за Крв, умреле од глад и студ во градот Елбасан во Албанија. Третото дете на Магда, Новаче во месец февруари во 1921 година бил повикан со покана за да оди намера за војник во Прилеп. Времето било многу студено, капка вода капни замрзни. Новаче млад човек се облекол во алишта кои не одговарале на такво време. Таков си бил Новаче по природа манџија, пребирал во ношната. Кога дошол Новаче до средселото го пречекал Стојан Колески, го советувал, поднакарал да се врати дома да си облече топли алишта и да си ја наметни волнената сакма и да оди каде тргнал. Новаче го послушал Стојан, се вратил дома се преслекол во уште послаби алишта, ја наметнал волнената сакма, отишол до реката према средселото. Се вратил повторно назад дома, се преслекол во првите алишта, ја оставил волнената сакма дома и преку средселото заминал за намера за војник во Прилеп. Само што си дошол Новаче дома паднал тешко болен од настинка, а старите ја викаат пливит. Новаче здравјето го изгубил, кога легни кога стани до крајот на април. Наместо да го чека времето за отслужување на воениот рок, Новаче бил испратен со поворка во вечниот дом во марулските гробишта. Четвртото дете Младен, најмладиот син на Магда пролетта во 1925 година на седумнаесет годишна возраст се разболел од маларија  треска полежал малце болен в постела додека ги поминал бајачките и гледачките се спремале на лекар да го носат, Младен дома починал. Уште една несреќа за Огнејца баба Магда Гулабоска. Второто дете на Магда Најдо 1898 – 1932 штотуку завршила Првата светска војна младиот Најдо ја преживеал војната, си дошол здрав дома и за кратко време се оженил со комшивката Јанкоска Ѓорчева Дуна. Уште не смирени со Јанковци со Дуна за нејзиното мажење за Најдо, нејзиниот брат Трајан отепан со бомба во црничкиот синор товарен на запрежна кола го поминал низ Најдовиот двор. Сестра му Дуна го гледала братот Трајан од прозорецот од кулата, не отишла дома кај Јанковци да му запали свеќа, такви биле обичаите во тоа време. За венчавката и дарови за кај Јанковци, Најдо немал пари. На Стојче Танески Најдо му го продал огратчето, денешното место е куќата на Недан Танески. Стојче соѕидал куќа и таа е прва куќа што се направила во с. Марул после турско и по Првата светска војна во 1920 година. Во 1921 година им се родува првото дете машко. Нункото на детето име му дава Трајче, да го носи името на својот стрико Трајче загинат во 1915 година заедно со својот татко Огне во градот Елбасан во Албанија. Најдо за да ги покрие трошоците за братот Новаче и за крштевката на новороденото дете Трачје, на Павлески Петре му ја продал нивата во лозница до нашата во присојот до бабјакоската, под селскиот до реката. Во 1924 година на Најдо и Дуна му се роди второто дете девојче, името нунката му го даде Весела во таква трагедија се поразвесели куќата. Во 1928 г. им се родува третото дете женско, била родена близу верскиот празник Цветници за да цвета симбол во куќата. Во 1930 година му се родува машко дете, го крстија Живко, се било убаво до есента 1931 година кога Најдо осетил некакви болови во неговото тело. Прво оделе по бајачки, виделе да од тие надри лекари нема корист, на прво место од мајка му Магда била бајачка. За на лекар требале пари. Најдо со надеж за да го зачува здравјето ја продава нивата во Диморо на Тонески Стојче покасно беше лозје. За лекар Најдо го избра рускиот емигрант од револуцијата Октомвриска во Русија во 1917 година се засолнал во Прилеп. Русинот го прегледува, негува и советува воопшто грав никако Најдо да не јади.

На крштевката од Јанкоска Петрова Зора, внука на Дуна од прв брачед во 1932 година во мај месец имала за ручек поред другото јадење и варен бел грав. Најдо ручал и од гравот, дали сакал да се тестира или заборавил, одговорноста си ја зел тој. Си дошол дома, уште потешко се разболил и за кратко време умрел. Несреќната Магда за снаата Најдојца Дуна по неколку месеци зел домазет. За домазет го зеле Малинкоски Стојков Илија, кадијата од село Штавица. Илија дотогаш бил домазет во село Дуње, му умрела жената во Дуње без потомство. Огнејца Магда стално била со солзи на очите, велела: Што можам да сторам, родена сум била на црн ден, душа со сила не излегува, само кога Бог ќе ја побара тогаш никој не може да ја стопира. Вдовицата Огнејца Магда при четири родени деца била приморана животот да го доживее со туѓа челад. Храбра била, куќа не сменила, умрела во рацете на снаата Дуна и посинокот во 1942 година.           

Продолжува

Loading