Е, ЈАЗИКУ БРАТЕ!

ivce1Во некое одамнешно време, во времето на Југославија, на некоја српска телевизија, постоеше емисија со наслов: “О, језику роде”! Се зборуваше за определени недоследности во јазикот (српскиот). Што и како да речеме денеска ние? Можеби најточно ќе биде да крикнеме – “Е, јазику брате”, и би додале – “Што ти било пишано”. Кој ли те брани, кој ли ќе те заштити ? Латинското писмо притиска неумоливо. Се ројат јазични грешки. Се искривоколчува синтаксата. А акцентот, што да речеме? А во книжарниците – граматики, правописи. Во институциите многу лектори. Блаже Конески велеше дека јазикот самиот ќе се одбрани, никој не треба да го брани. Но, тој го велеше тоа за оние однадвор, за оние кои велеа (велат) дека не постои македонски јазик. Да, но како да го браниме од овие одвнатре – телевизии, весници, спикери, политичари, функционери? Доктори на науки, лектори , инженери, бизнисмени, сите од кремот на општеството. Сите високо образовани. Луѓе што треба да го знаат својот јазик, кој е најсилниот белег на нашиот идентитет.

За да не биде ова само наше интимно лелекање, ќе приведеме и некои примери. Еве една реченица што сме ја слушнале и што ја прочитавме на кајронот од некоја наша телевизија – “Што највеќе го загадува воздухот во Скопје”? Во оваа реченица има и јазична (лексичка) и синтаксичка грешка. Немаме ние прилог НАЈВЕЌЕ. Тоа е НАЈМНОГУ. Прилогот МНОГУ ако се степенува ќе имаме МНОГУ, ПОВЕЌЕ и НАЈМНОГУ. Но, еве ја повторно доминацијата на скопскиот жаргон – НАЈВЕЌЕ. Рековме дека реченицата е и синтаксички испомешана. Треба тие лектори во телевизијата да знаат дека по прашалниот збор (ШТО) треба да дојде глаголот, а потоа другите зборови. Правилно би било – “Што го загадува најмногу воздухот во СКОПЈЕ” ? Значи, прашалниот збор ШТО, потоа кратката заменска форма ГО и глаголот ЗАГАДУВА, а потоа другите зборови. Може и: “Што го загадува воздухот во Скопје”, најмногу ‘’.

Уште еден пример. Се појави проблем со кучињата скитници. Еве една реченица: “Примитивци, насилници, хараат низ градов и трујат се живо”. Тој збор (глагол) ХАРААТ, го нема во нашиот јазик. Но, ние тешко се сеќаваме на нашиот збор и веднаш употребуваме српски. ХАРААТ значи дека некои вршат некое дејство безобѕирно, безобразно, неодговорно. За таквите луѓе може да се рече дека БЕСНЕАТ, ПУСТОШАТ. “Беснеат низ градот и трујат се живо”. Така би можело да гласи односната реченица.

Ги одбравме и ги набележавме само овие 2 реченици. А можевме уште многу, зашто грешките што ги слушаме не се доброваат. Насекаде, на секој чекор околу нас.

Ете така јазику брате! Држи се храбро! Не треба да те браниме, туку да те практикуваме. Правилно!

Loading